Во градот под Пелистер, каде што со децении се негува љубовта кон фудбалот, годинава се испиша нова блескава страница во историјата на македонскиот спорт. ФК Пелистер го прослави својот голем јубилеј, 80 години постоење, осум децении исполнети со победи, емоции, предизвици и непоколеблива љубов кон зелено-белата боја.
Во рамките на одбележувањето на големиот јубилеј, беа доделени награди на најзаслужните личности кои низ годините оставија длабока трага во развојот и успехот на клубот – фудбалери, тренери, спортски работници и верни поддржувачи кои ја чуваа жива искрата на Пелистер низ сите добри, но и турбулентни времиња.
Јубилејот беше заокружен со пријателски натпревар од посебно значење, на кој Пелистер ги одмери силите со романскиот гигант ФК Динамо Букурешт.
На трибините се почувствува магијата на фудбалот, а на теренот, гордоста на Битола. Со сигурна и инспирирана игра, Пелистер славеше со 2:0, покажувајќи дека духот на клубот е посилен од кога било.
Но, ниеден момент не би бил ист без срцето и душата на битолскиот спорт, Чкембарите. Верните навивачи, кои годинава прославија 40 години постоење, ја претворија атмосферата во вистински спектакл. Со своето препознатливо навивање, транспаренти и зелено-бели факли, тие уште еднаш покажаа дека љубовта кон Пелистер не е само страст, туку тоа е начин на живот.
Битола сјаеше во боите на клубот. Во чест на овој јубилеј, Саат кулата, Офицерскиот дом и античкиот локалитет Хераклеа беа обоени во боите на Пелистер, како симбол на вечност, сила и надеж. Градот дишеше во ритамот на љубовта кон најсветиот симбол на битолскиот спорт.
Осум децении впишана историја, стотици генерации, илјадници спомени….затоа ФК Пелистер е гордост, идентитет и легенда која продолжува да се пишува со секој натпревар, со секоја песна и со секој глас од трибините.
Нека се множат годишнините и јубилеите на ФК Пелистер, симболот на Битола, кој ќе остане вечно обележје на македонскиот фудбал.
фото/видео Општина Битола