Кабинетот на поранешниот американски претседател Барак Обама го прекина молчењето за повиците на Доналд Трамп да биде гонет отфрлајќи ги обвинувањата дека се обидел да изврши пуч по победата на Трамп во 2016 година со фабрикување докази за руско мешање.
Кабинетот на Обама презеде необичен чекор да издаде остра изјава откога Трамп им рече на новинарите дека неговиот претходник се обидел да предводи државен удар против него и е виновен за велепредавство, пренесуваат медиумите.
Трамп ги изнесе обвинувањата во Белата куќа за време на состанокот со филипинскиот претседател Фердинанд Маркос Помладиот. Кога новинарите го прашаа кој треба да биде главната цел на истрагата, Трамп одговори: „Врз основа на она што го прочитав, тоа би бил претседателот Обама. Тој ја почна, а Бајден беше со него. Коми и Клапер беа таму, целата група“.
„Водачот на бандата беше претседателот Обама, Барак Хусеин Обама. Дали сте слушнале за него?“, праша Трамп додавајќи: „Ова е неоспорен доказ дека Обама се обидувал да изврши државен удар. Тој е виновен. Ова беше велепредавство. Тие се обидоа да ги украдат изборите“.
„Од почит кон функцијата претседател нашата канцеларија обично не реагира на постојаните бесмислици и дезинформации што доаѓаат од оваа Бела куќа“, се вели во соопштението од канцеларијата на Обама. „Но, овие тврдења се доволно скандалозни за да заслужуваат одговор. Овие бизарни обвинувања се смешни и слаб обид за одвлекување на вниманието“, се додава во соопштението.
Во соопштението се критикуваат и обвинувањата изнесени во документ од 11 страници објавен од Тулси Габард, директорка на националното разузнавање, во кој се препорачува гонење функционери на Обама.
Канцеларијата на Обама истакнува дека ништо во спорниот документ не го поткопува широко прифатениот заклучок дека Русија се обидела да влијае на изборите во 2016 година, но не успеала да ги манипулира гласовите. „Овие наоди беа потврдени во извештајот од 2020 година од страна на двопартискиот Комитет за разузнавање на Сенатот, предводен од тогашниот претседател Марко Рубио“, се вели во соопштението.
Трамп објави видео од апсењето на Обама со вештачка интелигенција пред неколку дена, потсетуваат медиумите.
Видеото ги прикажува Трамп и Обама како седат и се смеат во Белата куќа пред агентите на ФБИ да влезат во собата, да го соборат Обама на земјата и да му стават лисици. Следната сцена го прикажува Обама како шета во ќелијата во портокалова затворска униформа. „Никој не е над законот“, рече Трамп.
„Фокс њуз“ неодамна објави дека поранешниот директор на ЦИА, Џон Бренан, и поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, се под истрага за наводни злоупотреби поврзани со минатите владини истраги за тврдењата за руско мешање во изборите во САД./Извор:Makfax