Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Расте бројот на жртви во падот на воен авион во Бангладеш: причина за несреќата е механички дефект

Најмалку 27 лица загинаа откако авион за обука на воздухопловните сили на Бангладеш се урна вчера во универзитетски и училишен кампус во Дака, соопштија денес официјални лица, а 88 лица, вклучувајќи деца, се лекуваат во болница.

Авионот Ф-7 БГИ се урна кратко по полетувањето околу 13 часот во понеделник од воздухопловната база Курмитола во главниот град на рутинска мисија за обука. Војската соопшти дека авионот претрпел механички дефект.

Саједур Рахман, специјален помошник на главниот медицински советник, им изјави на новинарите дека 27 лица загинале, а 88 биле примени во болница со изгореници.

Владата прогласи ден на жалост, со знамиња спуштени на половина копје и посебни молитви на сите верски служби. Пилотот е меѓу загинатите во инцидентот, соопшти војската, додавајќи дека е формиран комитет за да истражи што се случило./Извор:Makfax