Опозициската СДСМ денеска на прес-конференција порача дека се случил дебакл на економските политики на Владата предводена од Христијан Мицкоски.
„Согласно последните податоци на Евростат, Македонија денес е претпоследна во Европа по висина на минимална плата, зад нас е само Албанија. Истовремено сме последни по куповна моќ. Ова е нашата реалност со власта на ДПМНЕ. Овие статистики се потрда за реалноста во која платата не им стигнува на граѓаните ниту до 10-ти во месецот. Реалност во која граѓаните мора да кратат и штедат на се додека функционерите на ДПМНЕ се луксузираат, си ги покачуваат платите и продаваат приказни дека сме четврти во Европа“ порача членката на ИО на СДСМ, Симона Цветановски.
Според неа, ова е свесно и намерно понижување на достоинството на секој еден граѓанин.
„Евростат не лаже. Но Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ лаже – лаже кога вели дека „се грижи“, лаже кога зборува дека сме четврта најјака економија во Европа, лаже кога ве убедува дека добро живеете. Сите економски параметри укажуваат на драматично влошување на квалитетот на животот. Инфлацијата оди нагоре, цените повторно се без контрола, платите стагнираат. Во Македонија моментално добро живеат само функционерите од власта. Дуото Трајко Славевски и Христијан Мицкоски ова го прават намерно и осмислено. Целта е јасна, да се држат граѓаните во неизвесност, да се држат платите на минимум додека тие ги спроведуваат своите криминални проекти и задолжувања“ порача Цветановски.
Членката на раководството на СДСМ потсети дека нејзината партија ја зголемила минималната плата од девет на 20.000 денари, донела системско решение за постојан раст на платите, додека денес, владејачката ВМРО-ДПМНЕ го одбива секој предлог што значи раст на платите и намалување на трошоците за живот.
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...