Општина Центар, синоќа го почна караванот „Се гледаме во маало со Горан Герасимовски“ во населбата Капиштец.
Герасимовски во интерес на транспарентноста и решавање на проблемите на центарци, во следните три недели ќе ги посети жителите и заеднички ќе дискутираат за проектите што се спроведуваат, но и ќе ги сослуша сите проблеми и идеи со кои ќе се креира новата четиригодишна програма за уште поубав Центар.
Пред жителите на Капиштец, Герасимовски информираше дека програмата за работа мора да произлезе од центарци, затоа што само така може општината да работи во интерес на граѓаните. Тој истакна дека во завршна фаза е реконструкцијата на паркот во Капиштец на површина од 7.800 м², кадешто има ново зеленило, нови патеки, урбана опрема и ЛЕД осветлување.
„Вложуваме во сè што значи квалитетен живот. Паркот во Капиштец целосно го обновивме и хортикултурно го уредивме, со нови дрвја, клупи и осветлување. Инвестираме во нова инфраструктура, ги реконструиравме улиците „Козара“, „Шарски Одред“ и го реконструиравме тротоарот на ул. „Народен Фронт“. Детското игралиште кај трговскиот центар „Зебра“ и спортското игралиште на ул. „Народен Фронт“ ги обновивме. Можам да кажам дека ги подобривме условите во целата населба. Пензионерите добија свој пензионерски клуб во Капиштец кадешто секојдневно се дружат и социјализираат“, рече Герасимовски.
Герасимовски, потенцираше дека се расчистени дивите депонии спроти Католичка црква и на ул. „Народен фронт“. „Општинските служби секојдневно се грижат за хигиената на општината, чистејќи го и сметот, но и дивите депонии. Изминатиов период, ЈП „Комунална хигиена“ потфрли во чистењето на контејнерите на територија на Центар поради што спремаме и кривични пријави. Недозволиво е централното градско подрачје да изгледа вака поради пропусти на градската власт“, посочи Герасимовски.
Караванот „Се гледаме во маало со Горан Герасимовски“ продолжува и денеска, на средби со центарци во Дебар маало, кај клупата на Горан Стефановски, со почеток во 18.30 часот.
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...