Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Министерката Јаневска и градоначалникот Стефковски извршија увид во изградбата на новото основно училиште во населба Ченто, инвестиција од 3 милиони евра

До септември следната година се очекува да заврши изградбата на новиот објект на основното училиште „Крсте Мисирков“ во населбата Ченто во општина Гази Баба, кој по цели шест децении ќе ги замени дотраените бараки што сега се користат за настава. Увид во изградбата денеска извршија министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и градоначалникот Бобан Стефковски кои информираа дека активностите се одвиваат согласно договорената динамика со изведувачот.

„Станува збор за инвестиција од речиси 3 милиони евра која очекуваме да биде завршена до септември 2026 година. 30 нови училници и кабинети ќе им бидат достапни на наставниците и дечињата на школска возраст од оваа населба, а објектот ќе го користат и многу нови генерации. По 6 децении, старото училиште, ќе биде заменето со ново“, рече градоначалникот Стефковски.

Министерката Јаневска посочи дека инфраструктурата е еден од основните услови за квалитетен воспитно – образовен процес, покрај наставните програми и учебниците, и мотивирани наставници за работа. Во таа насока, Владата е силно посветена на изградба на нови училишни објекти и реконструкција на дотраените.

„Во моментов имаме над 30 активни инфраструктурни инвестиции во вредност од 32 милиони евра. Градиме 8 нови училишни објекти и овој е еден од нив. Реконструираме 20тина училишта, градиме 4 нови спортски сали, а темелно се реконструираат два студентски дома во Скопје“, информираше Јаневска, додавајќи дека општина Гази Баба има градоначалник, општински совет и администрација кои особено внимание посветуваат на младите и условите за нивно образование.

Образовната инфраструктура се модернизира. Наставниците се мотивираат со подобри услови за работа и плати кои за 10 месеци пораснаа за над 12%, а како што посочи Јаневска, се обезбедуваат и нови наставни програми и учебници во кои нема грешки и небулози како во минатото, додека содржината е прилагодена на современите трендови и научни достигнувања. Според неа, образованието фаќа добар правец и го подобрува квалитетот кој беше девастиран во седумте години на претходната Влада.

error: Соддржината е заштитена.