Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВ

Преоблечените европејци ни потураат „гладни-најадени“ политики

Добро е, а богами и убаво е што премиерот Мицкоски денес е во Тирана со сите оние „западнобалкански“ лидери, добро е, велам, што ќе отворат панел за „Нова Европа и нов свет…“, еве, признавам, и му пружам рака, обична, граѓанска, чиста. 

Зошто му пружам рака на премиерот? Оти се лути кога го критикуваш затоа што, барем така велат, „опозицоните пискарала не се конструктивни“, верувајќи дека нема да не’ остават на ветрометина (се мисли на нас, граѓаните, иако тие, политичарите се нон-стоп на топло, на суво и во Европа на наш трошок), како што понекогаш ни се чини. 

Само има еден клучен детаљ: Европа беше многу повидлива кога беше претходната власт, и не поминавме толку лошо, барем не во онаа смисла како што „пумпаше“ довчерашната опозиција, а денешна власт, што значи пумпаше на сите медиумски sвона дека Македонија не била за Европа, дека се одалечувала од Европа, иако направи се’ за да бидеме што поблиску таму. 

Денес, без разлика каде премиерот Мицкоски отишол, ма со кого и’ се видел, оваа земја е далеку (по)маргинална од онаа земја која беше претходно, а овие констатации, се плашам, претставуваат ноторни факти. И тука нема што многу да се м’рмка. Тоа и врапците на гранките го знаат, освен ако не сте во меѓувреме опасно подиспрани.

Во исто време, се’ ова може да се набљудува и како илузионизам што ја прикрива реалноста „на терен“, и која звучи многу-малку романтично и многу неповолно за Македонија. Имено, не може да се изгради ништо трајно кога немате сигурен темел, а темелот на секоја политика е – внатрешната политика, состојбата во општеството, животот на луѓето. 

Нема да погрешиме ако потсетиме дека Мицкоски на власт дојде на антиевропска кампања, непријателска кампања како внатре во земјата, така и кон соседите. Едно време се помамија и’ „името ќе го враќаме“ за кое, видовме дека беше обичен пи-ар, поточно се’ беше лук и вода. Е, на таквaта лук и вода – пропратено со силна пропаганда – дојдоа на власт. Денес, еве, гледаме, припремаат „нова кооперативност“ кон надвор како згодно затегнување на каишот дома. 

Кога зборувавме последниве седум години за Европа, почна земјата да се раситнува, денес, гледаме, доминантното владино мнозинство за Европа е само декларативно, како поза, како козерај, како манекенство ако сакате, што претставува мачна сатисфакција: во овие работи подобро е да не сте во право. 

Од друга страна, тешко е да се оттргнеме од впечатокот дека Христијан Мицкоски секоја домашна критика ја прикрива така што ќе се повикува дека сме продолжувале со Европските интеграции; таквите декларативни „авансирања“ се глупави и беспредметни. Без разлика што оваа земја има министер за надворешни работи – ако некој на него воопшто се сеќава – името му е Муцунски или така некое име кое нешто работи, а практично немаме појма реално што работи. Освен ако под работа не се подразбира дефамација на Љубомир Фрчкоски и неговата бивша амбасадорска работа во Њујорк, ама тоа, сега, барем за овој текст е неважно, и ќе го оставиме за некој следен.

Еве ви интересна разлика: сите ние знаевме во минатото кој е Бојан Маричиќ и што прави за Европските интеграции, а овие денес, реално, не знаеме ниту за кои агенди се залагаат, што и кого застапуваат, а уште помалку знаеме како ја правдаат Европската агенда, освен ако не мислиме, а не мислиме, за да се биде Европеец треба да се посетува конфернција, на која ќе се слуша и молчи, а во земјата ќе се произведува некоја сосема друга реторика која не се придржува на ништо конкретно и опипливо. 

Се плашам дека денешниот Мицкоски себе се гледа како голем „реформатор“ и „модернизатор“ на Македонија, барем така го гради својот имиџ, ама ние кои во оваа земја живееме, не сме достојни или не сме кадарни да го поддржиме, да му дадеме свој вербален суд и поддршка; а поради тоа ќе бидеме фрлени на рабовите, а тој ќе им верува само на своите соработници-климоглавци кои ќе ги извршуваат неговите агенди беспоговорно, правдајќи се дека само се работело за јавниот интерес на земјата.

Ако истражувачки „буричкате“ по нивните јавни работи (за малку не реков „бизмиси“), ќе се соочите со етикетата како работите со лоша и пакосна намера, во интерес на некои мрачни непријателски сили (порано беа ЦИА, Сорос, УСАИД, а денес е олигархија, тајкунерија, мафија…). Ако им укажете дека тука може да бидат спорни средствата и целите, Мицкоски се лути и навредува, како овде да се работи за некоја приватна, а не јавна работа. 

Кога вака ќе ја опишам работата, признавам, звучи помалку карикатурално, ама не сум сигурен дека за тоа треба да го обвините авторот на текстот. 

Да речеме не се прифаќа ниту фамозниот Закон предложен од опозицијата, само како би се обесштетиле оние несреќни луѓе од Кочани. Ќе си помисли човек, ајде, барем за тоа може да се има согласност, бидејќи на секому може да се случи тоа во оваа „трошна држава“, ама јок, батко, не може ниту тоа затоа што доаѓа на предлог од „проклетата“ опозиција. 

Поради разни сплет на околности, во некоја смисла Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ некако остануваат сами на политичката сцена, дадена им е цела власт во своите раце, и веројатно никој нема да ги загрози во скора иднина, ако не биде некаков спектакуларен преврат каков што не може да се предвиди дури и кога би трлкале кристална топка. 

И токму поради тоа треба да се држат на строга „присмотра“ од јавноста. Сепак, ништо од ова кое го опишав нив не им се допаѓа, а тие сметаат дека се’ ова е сосема обратно: тие се сосема во ред и не се под разумен сомнеж, ама општеството не е зрело, а и подложно е на мрачни влијанија, па треба појако да се стегне, да не застрани, така тие ја гледаат визурата на оваа земја.

Во таквиот конфликт на слободна волја, јавноста и општеството не смее да се скрши и изгуби, затоа што влогот е голем колку што е голема оваа земја. Ќарот, од друга страна, останува само за нив. Не знам колку ова се гледа од Берлин или Брисел, ама од Скопје и Кочани се гледа многу јасно, а ќе се гледа уште појасно како изминува времето. 

 

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.