Сириската влада потпиша меморандум за разбирање со државна компанија од Обединетите Арапски Емирати за инвестиција вредна 800 милиони долари во пристаништето Тартус, објави сириската новинска агенција САНА кратко по укинувањето на американските санкции врз Сирија.
Договорот за изградба и работа на повеќенаменски терминал во Тартус, исто така, вклучува соработка во воспоставувањето индустриски и слободни трговски зони. „ДП Ворлд“, компанијата што го потпиша меморандумот со Дамаск, е подружница на „Дубаи Ворлд“, државната инвестициска компанија на ОАЕ.
Сирија се обидува да привлече странски инвестиции за да ја зајакне својата економија, разорена од граѓанската војна, а договорот со Емиратите беше потпишан истата недела кога американскиот претседател Доналд Трамп објави укинување на санкциите на САД врз Сирија за време на посетата на Саудиска Арабија.
Трамп рече дека ја донел одлуката откако разговарал со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман и турскиот претседател Таип Ердоган, двајца лидери кои силно повикаа на укинување на мерките.
Во средата во Ријад, американскиот претседател се сретна и со сирискиот претседател Ахмед ал-Шара, поранешен милитант баран од САД, кој ја презеде контролата врз земјата по соборувањето на Башар ал-Асад./Извор:Makfax