Пратеничката група на СДСМ денеска до Собранието ќе го достави Законот за Кочани со кој се предвидува финансиски надоместок и поддршка за семејствата што загубија своите најблиски во трагедијата во Кочани, како и за семејствата што имаат свој член повреден во стравотниот пожар во дискотеката „Пулс“.
Ова го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче во одговор на новинарско прашање. Тој јавно го повика ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи законот, потенцирајќи дека неговата цел не е политизација на трагедијата, туку заедничка работа за доброто на граѓаните.
„Имаше еден коментар од ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го поддржат законот и искрено верувам дека тоа не е знак дека не сакаат да им се помогне на семејствата. Јавно повикувам да седнеме заедно и да го разгледаме и да го поддржиме законот. Подготвени сме, ако треба и да се модифицира“, истакна Филипче.
При тоа, Филипче нагласи дека партиите треба да покажат обединување по трагедијата во Кочани и дека треба да работат заедно на унапредување на системот за во иднина ваквите трагедии да не се повторуваат.
„Предлог законот нема за цел да ја политизира трагедијата. Ги повикувам заедно да го донесеме законот, и не сметам дека таа изјава дека нема да го поддржат, е во насока на политичка конфронтација“, повтори Филипче.
Претседателот на СДСМ појасни дека подготвеното законско решение е квалитетно и во него се предвидени финансиски надоместок за семејствата коишто изгубија членови на семејствата, финансиски надоместок за сите кои коишто имаат трошоци за лекување, поволности за децата коишто сега губат настава од училиштата и друго.
Законот ќе биде поднесен во редовна собраниска процедура со цел да има простор да се вклучат повеќе чинители со свои коментари што ќе придонесат за унапредување на законското решение.