30. април 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Општина центар
.ЛОКАЛНО

Герасимовски: 100 семејства добија 7.000 денари парична помош за новороденчиња, го поддржуваме родителството

Во Паркот на Франкофонијата, Општина Центар денеска додели еднократна парична помош од 7.000 денари на 100 семејства со новороденчиња. Градоначалникот Горан Герасимовски лично им ги врачи решенијата на родителите, со што уште еднаш ја потврди заложбата на општината да биде активен партнер во поддршката на родителството уште од самиот почеток.

„Да се стане родител е најголемата чест, но и најголемата обврска. Затоа сме тука – да ви подадеме рака, да ве охрабриме и да ве потсетиме дека не сте сами на овој пат. Грижата за децата не е само семејна одговорност – тоа е наша заедничка мисија. Како локална самоуправа, знаеме дека секој ден со дете е предизвик, но и благослов. Затоа, редовно, секоја година доделуваме еднократна помош од 7.000 денари за да ви го олесниме почетокот, барем малку. Денеска добиваме 100 нови причини да се бориме за подобро, побезбедно и похумано секојдневие. Овој парк денес е полн со детска енергија, насмевки и надеж. И тоа е сликата што ја сакаме за Центар – место за живот, љубов и иднина“, истакна градоначалникот Герасимовски.

Еднократната помош е дел од редовната поддршка што Општина Центар ја доделува на новите родители, во рамки на проектот за првична финансиска и морална поддршка на семејствата со новороденчиња.

Освен финансиската поддршка, на семејствата им беа доделени и подароци од Жан Митрев, Медела, Веледа, Солопром и Уријаж – со цел дополнително олеснување на првите месеци од родителството.