29. април 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

200 ученици од општина Кисела Вода се едуцираа за 3Д-печатење во „Иноваториумот“ основан од ТИТАН Усје 

Двесте ученици од седум основни училишта од општина Кисела Вода добија признанија за завршена обука во 3Д-печатење која се спроведе во „Иноваториумот – клуб на напредни знаења и вештини“ основан од ТИТАН Усје. Се работи за целосно опремен центар со компјутери и најнови машини за 3Д-печатење, кои ги користат учениците од основите училишта. 

Учениците што денес добија признанија за помината обука, се првата група на ученици кои ја посетуваа наставата во „Иноваториумот“ од почетокот на неговото отворање. Со едукативните активности во „Иноваториумот“ беа опфатени учениците од основните училишта „Рајко Жинзифов“, „Кузман Шапкарев“, „Св. Климент Охридски“, „Невена Георгиева – Дуња“, „Партениј Зоографски“, „Кирил Пејчиновиќ“ и „Круме Кепески“. 

Главниот и извршен директор на ТИТАН Усје, Константинос Николаоу при доделувањето на сертификатите истакна: 

„Градење на напредни генерации кои ќе имаат соодветни технички знаења и вештини, особено во време на засилена дигитализација и примена на вештачка интелигенција, не е обврска само на државата, туку на сите нас. Како одговорна компанија која работи со еднаква  посветеност и на сопствениот развој и на развојот на заедницата, ние го направивме овој проект за на децата од нашето соседство да им дадеме можност за учење на нови вештини кои ќе им помогнат понатаму во животот и ќе им овозможат полесно да одберат своја професија. Навистина сме многу среќни што за толку кратко време поминаа преку 200 ученици низ оваа едукација. Сакам да им честитам за нивната посветеност и да им порачам да сонуваат и да работат напорно за остварување на своите соништа. Воедно ги повикувам учениците и од другите општини да дојдат, да го посетат „Иноваториумот“ и да откријат нов свет“.

Во насока на поголема мотивација и градење на интерес кон СТЕМ науките техничкиот директор во ТИТАН Усје Гоце Цветковски на учениците им презентираше примери на млади луѓе кои со својата работа и љубопитност се заслужни за многу научни откритија кои придонеле за развој на науката и техниката и за подобрување на секојдневниот живот.

Во изминатиот период учениците од овие училишта во „Иноваториумот“ работеа на проекти со кои усвојува нови знаења и вештини во областа на 3Д-печатењето, а едукацијата ја спроведува наставен кадар од Технолошко – металуршкиот факултет(ТМФ) при Универзитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје. На доделувањето на наградите пред присутните се обрати и деканот на ТМФ проф. д-р Стефан Кувенџиев, кој во своето обраќање уште еднаш го истакна значењето на неформалното образование и изрази надеж дека следната година ќе има уште поголем интерес кај учениците и од другите општини. 

Сашо Јовановски, советник за образование во општината Кисела Вода го потенцираше значењето на приватно јавното партнерство, особено во едукацијата и поддршката на младите и најави дека општината и понатаму ќе иницира и ќе работи на продлабочување на ваков вид на соработка. 

Главна мисија на „Иноваториумот“ е преку интерактивни и соодветно адаптирани содржини учениците да ги зајакнат своите знаења во СТЕМ науките – математика, технологија, инженерство и техника. „Иноваториумот“ нуди можности за изучување и стекнување нови вештини во повеќе технички области, а содржините ќе се надоградуваат и ќе се менуваат согласно потребите. 

„Иноваториум – клуб на напредни знаења и вештини“ е лоциран во кругот на ТИТАН Цементарница УСЈЕ, а за учениците е обезбеден и автобуски превоз. На почетокот со активностите опфатени се учениците од основните училишта од општината Кисела Вода, а во иднина во работата на „Иноваториумот“ ќе се вклучат и учениците од соседните општини. Покрај тоа, дел од капацитетите на „Иноваториумот“  и научните помагала ќе бидат ставени на располагање на сите наставници по математика, физика и хемија од општинските училишта, со што ќе можат да го користат и во текот на редовната настава. 

Покрај претставниците на компанијата кои се вклучени во активностите на „Иноваториумот“, на настанот присуствуваа и претставници на општина Кисела Вода .