Centar.mk
СВЕТ

Нереди во Мадрид по трагедијата: Објавена снимка од разговор пред несреќата, возот добил дозвола за движење

Во Шпанија започна тридневна национална жалост по железничката несреќа во која загинаа најмалку 68 лица, а десетици беа повредени – една од најтешките железнички несреќи во модерната европска историја, пренесува Би-Би-Си.

Спасувачките екипи работеа во текот на ноќта под силни рефлектори, сечејќи ги металните конструкции на вагоните во потрага по жртви. Многу од жртвите сè уште не се идентификувани.

Надлежните ги истражуваат причините за несреќата, која се случи во средата наутро, кога брз воз, кој сообраќаше од Мадрид кон Севиља, удри во друг воз што стоел на пругата.

„Цела Шпанија тагува“

„Цела Шпанија тагува“, изјави премиерот Педро Санчез, додавајќи дека „животи се уништени, семејства се растурени, а болката е огромна“.

Според шпанското Министерство за внатрешни работи, стотици припадници на службите за итни интервенции се испратени на местото на настанот за да помогнат во спасувачките операции.

Се користат дронови и хеликоптери за пребарување на теренот и расчистување на остатоците.

Возот што стоел на пругата – управуван од приватната компанија „Ирио“ со 147 патници – застанал поради дефект во компјутерскиот систем, потврди шпанскиот министер за транспорт, Оскар Пуенте.

Диспечерите донеле несфатлива одлука

Пуенте објасни дека во случај на системски дефект, контролата ја презема оперативен центар во Мадрид кој работи 24 часа. Сепак, центарот – како што наведе министерот – донел „несфатлива“ одлука, издавајќи наредба возовите да продолжат со движење, без никакви ограничувања на брзината.

Аудио снимките од разговорите меѓу контролорите на сообраќајот во Мадрид и машиновозачите откриваат дека брзиот воз добил дозвола за движење, иако возот пред него бил во дефект и стоел на пругата.

Компанијата „Ирио“ соопшти дека во еден од нејзините возови, од задната страна, удрил воз управуван од шпанската државна железничка компанија „Ренфе“, во кој имало 397 патници. Од силината на ударот, неколку вагони се лизнале по насипот.

Патници заглавени на своите седишта; Вагон се запали

Сведоци опишаа сцени на луѓе кои плачат и крварат, додека патници останале заглавени на своите седишта, а густ чад се ширел низ вагоните – од кои еден се запалил.

Премиерот Санчез изјави дека е „неприфатливо“ што Шпанија годинава доживеа две големи железнички несреќи, потсетувајќи на судирот на брз воз во близина на Кордоба во јануари, во кој животот го загубија 46 лица. Таа несреќа се случи на истата линија, иако многу појужно.

По несреќата, повеќето политички партии веднаш ги прекинаа своите изборни кампањи.

Протести во Мадрид и судири со полицијата

Единствен исклучок беше десничарската партија „Вокс“. Нејзиниот лидер, Сантијаго Абаскал, изјави дека неговата партија нема да учествува во она што тој го нарече обиди за „замолчување на критиките“ за состојбата на железничката инфраструктура во земјата, користејќи го периодот на жалост како изговор.

Како што објави шпанската телевизија TVE, во текот на ноќта околу 1.500 луѓе се собраа пред зградата на Министерството за транспорт во Мадрид, при што демонстрантите главно бараа оставки од премиерот Санчез и министерот Пуенте.

Полицијата употреби солзавец за да ја растера толпата откако демонстрантите почнаа да фрлаат шишиња и сигнални ракети. Нема извештаи за повредени лица или апсења.

Машиновозачите ќе штрајкуваат; потрагата по исчезнатите продолжува

Се очекува машиновозачите сепак да го спроведат планираниот штрајк во четврток. Шпанскиот синдикат на машиновозачи (Semaf) соопшти дека протестот се организира „во одбрана на безбедноста на железницата“. „Шпанија има право да знае што се случува со нејзината инфраструктура“, изјави Алберто Нуњез Феихоо, лидер на главната опозициска Народна партија.

Доцна во средата, семејствата сè уште се обидуваа да добијат информации за патниците кои биле во возовите. Шпанската Граѓанска гарда отвори посебни канцеларии во Мадрид, Толедо, Севиља и Кордоба за примање пријави за исчезнати лица.

„Главниот приоритет е идентификацијата на исчезнатите лица и земањето примероци од ДНК, за да можеме да ги лоцираме нивните семејства“, објави Граѓанската гарда на социјалната мрежа Икс./Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

Русија: За прекин на огнот ќе разговараме само со Украина и САД, но не и со Европа

ДЕСК

Новинар го преживеа судирот на возови во Шпанија, емотивно ја опиша сцената: „Сè делуваше апсурдно, нереално“

ДЕСК

Естонија гради 150 бункери на границата со Русија

ДЕСК