15. април 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

(Видео) Европа го осуди рускиот ракетен напад врз Суми: „Суровоста повторно удри“

Најмалку 34 лица, меѓу кои две деца, загинаа вчераутро во руски ракетен напад врз украинскиот град Суми, додека други 117 лица се ранети, соопшти украинската служба за вонредни состојби.

Меѓу повредените има и 15 деца, а украинското МНР подоцна потврди дека меѓу нив има и девојче родено оваа година. „Дури и новороденчињата се цел на руски злосторства“, соопшти Министерството.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави снимка од последиците од нападот, вклучително и тела на цивили расфрлани на патот до уништениот автобус.

„Потребна е силна реакција од светот. Русија сака токму таков вид на терор и затоа ја одолговлекува војната. Без притисок врз агресорот, нема да има мир. Преговорите никогаш не ги спречиле балистичките ракети и авионските бомби. Потребен ни е односот кон Русија каков што заслужува терорист“, напиша Зеленски на социјалните мрежи.

Пожарот и хаосот предизвикан од нападот се прикажани и на фотографиите од теренот што ги објавија украинските служби, при што делови од згради се уништени, а преживеаните меѓу урнатините се гушкаат во солзи.

Нападот се случи неколку часа откако американскиот пратеник Стив Виткоф ја посети Москва, а американскиот претседател Доналд Трамп рече дека „се обидува да ја запре војната“. „Ова беше ужасен напад. Ми кажаа дека направиле грешка, но ова беше страшно. Целата војна е страшна работа“, изјави синоќа Трамп.

Неговиот специјален пратеник за Украина, пензионираниот генерал Кит Келог, нападот го нарече „срамен и неприфатлив“. „Како поранешен воен командант, знам што значи да се нишани кон цел и тоа е погрешно. Затоа претседателот Трамп работи напорно за да стави крај на војната.

Американскиот државен секретар Марко Рубио го нарече нападот „ужасен потсетник зошто претседателот Трамп и неговата администрација прават огромни напори да ја запрат војната и да постигнат траен мир“.

Осуда доаѓа и од Европа. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека „суровоста повторно удри“ и дека ова е „јасно кршење на меѓународното право“. Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека Русија покажува „целосен презир кон човечкиот живот, меѓународното право и дипломатските напори на претседателот Трамп“.

Британскиот премиер Кир Стармер рече дека е „згрозен од ужасните напади на Русија врз цивилите во Суми“, а германскиот канцелар во заминување Олаф Шолц додаде дека нападот ја покажува вредноста на руската „подготвеност за мир“.

Идниот германски канцелар Фридрих Мерц отиде чекор понатаму и го нарече нападот „тешко воено злосторство“. „Тоа беше перфиден чин, намерно и свесно воено злосторство“, рече Мерц за АРД.

Остро реагираа и Обединетите нации. Портпаролот на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изјави дека е „длабоко шокиран и вознемирен“ од нападот./Извор:Makfax