Трагедијата во Кочани не е последица на една грешка, туку на ланец од институционални пропусти, обвинија денеска од опозициската СДСМ.Од таму велат дека секој пропуст мора да биде идентификуван, а секој виновник мора да биде повикан на одговорност.
Од СДСМ денеска презентираа документација од Бизнис мрежата според која фирмата „ММММ Кафе“, сопственик на дискотеката „Пулс“, работела со блокирана сметка дури 217 дена, а последната блокада споре документацијата била заведена на 16 август 2024 година и сѐ уште не е тргната.
„И тука се поставува суштинското прашање, дали Управата за јавни приходи требала да го затвори клубот уште во септември 2024 година? Според член на 117 од Законот за стечај, ако некоја фирма има блокирана сметка повеќе од 45 дена и не исплаќа плати и придонеси, УЈП има законска обврска да поднесе барање за отворање стечајна постапка и да предложи мерки за обезбедување на имотот. Ако последната блокада била заведена на 16 август, тоа значи дека веќе до крајот на септември Управата требала да постапи, а клубот „Пулс“ требал да биде затворен“, изјави организациониот секретар на СДСМ, Мартин Костовски.
Од СДСМ велат дека ова не се технички грешки, туку системски прашања. Тоа според Костовски отвора некоолку прашања за кој одговор треба да дадат истражителите, МВР, Јавното обвинителство.
„Дали е точно дека Управата за јавни приходи не постапила по своја законска обврска согласно член 117? Кој во УЈП бил надлежен да го поднесе барањето за стечај и зошто тоа не било направено? Дали некој ја стопирал постапката? И ако да – зошто? Со каква цел? Дали ова е уште еден случај на неажурност, или станува збор за заштита на нередовности и политички врски?“ , праша Костовски на денешната прес-конференција.
Од опозииската СДСМ велат тие не изнесуваат заклучоци, но барат одговори.Костовски порача дека државата мора да покаже дека законот важи за сите, и дека никој ама баш никој не смее да биде над него.