Експертот за безбедност, Владимир Пивоваров во гостување во поткастот „Тешки муабети“ на Инфомакс ги анализираше постапите на институциите, со фокус на полицијата, кои требале да вршат контрола над работење на дискотеката „Пулс“ во Кочани, но не го сториле тоа што доведе до трагедијата со 59 починати млади и повеќе од 150 повредени во стравотниот пожар. Според Пивоваров, за несреќа од вакви размери основа е корупцијата и секое нејзино понатамошно надоградување што го прави системот нефункционален. Пивоваров одговорноста ја лоцира во органот за внатрешни работи во Кочани кој требал, но не спровел контроли по бројни аспекти од работењето на дискотеката, кои доколку биле направени таа воопшто немала да работи. „Овој настан, колку што ми е познато, на социјалните мрежи беше најавуван подолго време. Ако тој е најавуван подолго време, а не е пријавен во органот за внатрешни работи, секако дека ОВР Кочани требало врз основа на таквите сознанија, значи тие прибираат сознанија, веднаш да реагира, односно да го извести сопственикот дека не дозволува да се одржи таков концерт“, појаснува Пивоваров.
Тој појаснува дека за да се одржи таков концерт, доколку постоело барање, органот ќе требал да ги провери сите документи поврзани со работењето, кои, како што се покажа, биле фалсификувани.
„Ако тие документи биле фалсификувани, и како кажа премиерот Државниот пазарен инспекторат не извршил ниту една проверка, прашањето е Зошто? Дали е овој наш систем до таа мерка корумпиран, дали тоа непреземање на службени дејствија, не мора точно секој ден да се вршат тие контроли, меѓутоа тоа е предолг период во кој што се собира преголема група на луѓе. Овде зборуваме за културен настан, но вакви барања има и за сите останати настани“, вели Пивоваров. Иако дел од аспектите на работењето на клубот не се во надлежност на полицијата, сепак, според Пивоваров, полицијата требала да ги има овие сознанија бидејќи дискотеката не исполнувала никакви технички услови, има сознанија дека е нелегален објект, имало прекумерна бучава и таа била надлежна да го извести другите надлежни државни органи да преземат дејствија за да не дојде до ескалација, каква што за жал се случи. „Зошто овој објект толку години не е проверен по ниту еден основ? Тоа е прашањето што сите нè мачи. Дали таа пуста корупција нè доведува во ваква незавидна ситуација да ја плаќаме во крв, да ја плаќаме со гробови со крстови и со многу солзи на родителите кои никогаш нема да им ги врати дечињата“, вели Пивоваров.