14. октомври 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Јаневска: личните афинитети и потребите на пазарот на труд да им бидат основа на младите при избор на академското образование

Младите да се водат според личните афинитети и потребите на пазарот на труд кога носат одлука каде академски ќе се образуваат. Ова е пораката која ја упати министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска до средношколците кои денеска го посетија Саемот за образование во Скопје, што го организира студентската иницијатива „Студентарија“, а на кој повеќе високообразовни установи и компании ги претставија можностите за студирање и вработување на младите.

„Како ученици од завршната година во средното образование доволно сте возрасни самостојно да одлучите во која област ќе се надградувате и ќе работите, согласно своите афинитети, но сметам дека секогаш предвид треба да ги имате потребите на пазарот на трудот. Така ќе бидете поуспешни. Ќе имате сатисфакција при учењето и полесно и побрзо ќе го ефектуирате стекнатото знаење. Брзо ќе дојдат уписите и овој собир е добра можност да се подготвите за правилна одлука“, рече Јаневска.

Министерката им порача на универзитетите да се потрудат да бидат што поконкурентни, да ги модернизираат студиските програми и постојано да создаваат нови можности, особено во делот на младинската размена заради стекнување меѓународни искуства.

„Важно е да ги задржиме младите тука, оти без нив државата нема иднина. Ќе потсетам дека за 7 години, имаме 7 илјади помалку студенти. Високообразовните установи треба да инспирираат и да создаваат нови и што поквалитетни генерации на кои ќе им оставиме да ги водат општествените процеси“, нагласи министерката.

Упати порака и до компаниите да се вклучат во практичната обука на студентите и да им понудат пристоен работен ангажман по дипломирањето, со можности за кариерен и професионален развој.

„МОН и Владата ќе ги поддржат сите страни. Го јакнеме студентскиот стандард. Годинава имаме 30 милиони евра или 18% поголем буџет од лани за оваа намена. Прошируваме одредени права како субвенционираниот студентски оброк, а ќе бидат доделени и ваучери за набавка на ИТ уреди, за сите студенти. Повеќе пари ќе се распределат на универзитетите и веќе има повисоки плати за професорите. И за бизнисите има поддршка, особено доколку се заложуваат за креирање иновации“, рече министерката.
Јаневска потенцираше дека синергијата помеѓу сите чинители на високото образование е важна и мора да се одржи за младите да добијат квалитетно образование, достоинствена работа и пристоен живот во својата држава.

Во рамки на дводневниот саем за образование ќе се одржат повеќе панел дискусии на кои средношколците ќе бидат запознаени со студентските права и можности за стипендирање, како и работилници посветени на финансиска и дигитална писменост, јавен настап и самодоверба.

Можеби ќе ве интересира

Исчезнаа две деца во Скопје – едно на 13 годишна, друго на 16 годишна возраст

ДЕСК

СДСМ: Судир на интереси во ОИК Зелениково со цела фамилија на кандидатот за градоначалник на ДПМНЕ, ДИК да ги разреши

ДЕСК

Поведена постапка за сторител на неколку тешки кражби во Скопје

ДЕСК
error: Соддржината е заштитена.