Министерството за финансии и Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ преку Меморандум за соработка ќе ги унапредуваат меѓусебните односи и ќе поттикнуваат стручната размена и зајакнување на капацитетите во областите од заеднички интерес. Меморандумот за соработка денеска го потпишаа министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и деканот на Економскиот факултет Предраг Трпески.
Министерката за финансии потенцира дека преку Меморандумот за соработка Министерството за финансии ќе добие огромна помош од професорите кои се врвни експерти во областа на економијата.
„Меморандумот ќе помогне во нашата работа во периодот којшто следи со најразлични анализи и стручна помош. Во исто време ќе добиеме поддршка и во функционирање на Академијата за јавни финансии, која што има за цел да го зголеми нивото на квалитет и знаење на луѓето коишто се вработени во јавната администрација, но и да го подигнеме целокупното ниво на знаење во државата на едно повисоко ниво“, рече министерката за финансии.
Деканот на Економскиот факултет изрази благдарност што Mинистерството за финансии отпочна иницијатива за да се склучи овој Меморандумот за соработка помеѓу Министерството за финансии и Економскиот факултет – Скопје, при Универзитет „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје.
„Ова за нас е многу значајно бидејќи во иднина се отвора можност за една соработка, би рекол партнерство помеѓу Економскиот факултет – Скопје и Министерството за финансии, на повеќе основи, како во сферата на академските води, наши професори, наши асистенти да бидат вклучени во различни процеси во работењето на Министерството за финансии и обратно од Министерството за финансии да бидат присутни кај нас на факултет и во процесот на настава, но и давање свое мислење и сугестии во процесот на конципирање на нови наставни програми. Особено за нас е многу значајно, што Министерството за финансии ги отворара вратите за нашите студенти за тие да можат да изведуваат практична настава во секторите од МФ, поблиску да се запознаат со работата на МФ и на крајот МФ и другите министерства да може да регрутираат свои вработени од редот на студентите на Економскиот факултет-Скопје „ изјави деканот на Економскиот факултет – Скопје, проф. д-р Предраг Трпески.
Преку, Меморандумот за соработка, МФ и Економскиот факултет ќе соработуваат на спроведување истражувања и анализи, размена на стручна литература, учество во проекти и имплементација на иницијативи од заемен интерес. Покрај тоа, Меморандумот ќе овозможи организирање состаноци, работилници, конференции, семинари и обуки со цел континуирано усовршување на кадрите, а посебен акцент ќе се стави на вклучувањето на наставниот кадар од Економскиот факултет како предавачи во обуките организирани од Академијата за јавни финансии, како и нивно инкорпорирање во базата на експерти на Академијата.
Со Меморандумот, исто така, ќе се овозможи експертите од Министерството за финансии да дадат придонес во развојот и унапредувањето на студиските програми на Економскиот факултет, како и во наставниот процес. Дополнително, ќе се овозможат услови за професионален развој на вработените во Министерството преку програмите за обука и стручно усовршување на Економскиот факултет, како и можности за студентите да стекнат практично искуство во Министерството за финансии.
Министерката за финансии денеска на Економскиот факултет пред студентите одржа предавање на тема Локални финансии, посочувајќи го значењето на управувањето со финансиите на локално ниво од страна на локалните самоуправи и мерките што се преземаат за зајакнување на нивните капацитети со цел ефикасно управување со парите на граѓаните на локално ниво и пружање квалитетни услуги за граѓаните.