26. февруари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Средба на МЕП Муртезани со новоименуваната амбасадорка на Јапонија, Кавахара

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска имаше средба со новоименуваната амбасадорка на Јапонија во Северна Македонија, Сецуко Кавахара. На средбата се разговараше за континуираната поддршка што Јапонија ѝ ја обезбедува на Северна Македонија, како и за идните можности за продлабочување на билатералната соработка.

Министерот Муртезани ја истакна одличната соработка меѓу Министерството за европски прашања и Амбасадата на Јапонија, како и значајната поддршка што Јапонија ја обезбедува за земјата во рамките на Официјалната развојна помош, во вредност од над 425 милиони евра.Во фокусот на разговорот беше билатералната соработка, која во моментов се реализира преку техничка поддршка, програми за развој на човечки ресурси и проекти на локално ниво. Министерот Муртезани ја потенцираше одличната соработка со Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) и упати благодарност за постојаниот ангажман и долгорочниот придонес од јапонска страна.

Соговорниците го поздравија стапувањето во сила на Договорот за техничка соработка минатата година, кој овозможува уште поефикасна координација на развојната помош. Амбасадорката Кавахара истакна дека Северна Македонија е значаен партнер за Јапонија, со кој споделува заеднички вредности. Таа нагласи дека стабилноста и просперитетот на Западен Балкан, како и евроинтеграцијата на регионот, се од клучно значење не само за Европа, туку и за целиот свет.