Како одговор на идејата на американскиот претседател Доналд Трамп да го купи Гренланд, во Данска е поведена петиција оваа европска земја да ја купи Калифорнија од САД. Сатиричната петиција досега ја потпишале повеќе од 200.000 Данци, а целата приказна е поткрепена со зборовите дека на Данска ѝ се потребни сонце, палми и ролери.
„Имаме можност што се случува еднаш во животот и сакаме да го оствариме тој сон. Ќе донесеме велосипедски патеки, владеење на правото, универзална здравствена заштита и политика заснована на докази во Холивуд“, се наведува во петицијата.
По пристигнувањето во Белата куќа, ново-стариот американски претседател Трамп, покрај купувањето на Гренланд, сакаше Канада да стане 51. американска држава, неговата земја да стане сопственик на Панамскиот Канал, побара американска сопственост на Газа, а Мексиканскиот Залив го преименува во Американски Залив. Американскиот „Гугл мапс“ веќе ја направи таа промена.
Медиумите претходно објавија за жесток телефонски разговор меѓу Доналд Трамп и Мете Фредериксен, премиерката на Данска, на тема Гренланд, а Фредериксен повеќепати повторуваше пред и потоа дека Гренланд не е на продажба и дека од перспектива на данската влада им припаѓа на луѓето што живеат на Гренланд./Извор:Makfax