Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВ

Милановиќ, хрватскиот „pretencioso“ сам против сите

Кога човек го гледа и слуша, не може да се оттргне од впечатокот дека старо-новиот претседател на Хрватска, Зоран Милановиќ, е човек кој нон-стоп нешто се буни, стално нешто се лути и беснее на своите идеолошки противници. Притоа, барем од неговите јавни настапи, се гледа дека човекот има „голема муцка“ спремна секого да надзборува и во конечноста – победи. Очигледно е, исто така, Зоран Милановиќ е далеку пообразован и попаметен од неговите противници и неистомисленици. 

Е, пред да почнеме да зборуваме што се случи на изборите во Хрватска, ќе си дозволам да го искористам просторот и го кажам следното: што претставува политиката во овие денешни околности како вовед во понатамошниот текст за Милановиќ и Хрватската политика? 

Имено, политиката не е дисциплина за слабаци. Политиката, осoбeно онаа дневна, е многу груба и sверска утакмица, што значи – ако вие некого напаѓате, вие му се обраќате на своето гласачко тело, а тоа дополнително значи дека вие тука немате некаков особен „кодекс“ што мора да го (ис)почитувате. Сакам да кажам: додека нападите се одвиваат во граница на општата пристојност (од типот: да не’ повикувате на насилство или на убиство, да не’ спомнувате нечии деца итн.); а што се однесува до политичка коректност, таа треба да се „кастри“ на секој чекор, посебно во политичката арена. Ако не сте спремни да примите удар и’ го возвратите ударот два пати посилно, вие нема што да барате во политика. 

Не велам дека јас инсистирам на Argumentum ad hominem, затоа што не инсистирам, ама велам, ако, пак, цело ваше делување во политиката се одвива на ad hominem напад, вие сте ништо друго освен шутрачки безвезњак изгубен во политика. Добро, тоа за ботовите не важи, тие и вака и така се подиспрани oд дневна политика. 

Ми се чини дека Милановиќ сите овие работи ги знае. А за волја на вистината, многу добро знае да sвекне и на едната и на друга страна. Некогаш е само директен и в глава, а некогаш ударот му е аргументиран и издржан. Што не значи дека во некои сфери не е опасен демагог и манипулатор. Во основа, Милановиќ е сам против сите, наспроти легијата од десничарскa болументa и нивните помагачи. Не само што не му можат ништо неговите противници од типот на Пленковиќ или Јадранковиќ, удирајќи се од земја поради неговиот изборен легитимитет, туку не му можат ништо затоа што Милановиќ има неверојатно силно ментално и интелектуално здравјте за кое овие не можат да му се фатат на малиот прст. 

Рековме погоре, политиката е брутална игра. Нема место за слабаци. 

Во првиот круг, Милановиќ освои повеќе од 700.000 илјади гласови, а неговиот противник Приморац околу 300.000 гласови, што беше потполно јасно дека нема таков политички модел (или преседан) што Приморац би можел да ја надокнади оваа разлика.

Во Хрватската политика не е невообичаено претседателот и премиерот да доаѓаат од две различни политички партии, едната лева а другата десна, односно едната е СДП, а другата ХДЗ. Вакви примери имаше и во минатото, ама претседателите до сега не влегуваа во подлабоки кавги со премиерот, како што денес е случајот помеѓу Милановиќ-Пленковиќ.

Зоран Милановиќ, претседателот на Хрватска е најпопулариот политичар во земјата, а Хрватската демократска заедница (ХДЗ), партијата на премиерот Андреј Пленковиќ, и натаму е најсилната политичка партија. Испитувањата на „Кробарометар“ покажува дека 80 проценти од луѓето велат дека земјата не оди во добар правец, додека 69 проценти од испитаниците генерално не ја одобруваат работата на Владата на Хрватска.

Дали падот на Пленковиќ се вика Милановиќ, останува да видиме. 

Генерално речено, иако понекогаш „лупета“ глупости, мене Милановиќ повеќе ми се допаѓа од сите хрватски „актери“ во политиката. Се гледа дека е далеку пообразован, се гледа дека е далеку по-речит од сите нив. Активно се служи со хрватскиот јазик, своите говори умее да ги претвори во сликовити метафори, создава говорнички слики во свеста на луѓето преку кои успева да ги придобие гласачите, а своите противници ги уништува. 

Не само што успева да ги надзборува сите, туку успева да ги надзборува и актуелните служители и опслужители од втора и трета лига. 

Убаво е да се слуша човек кој е начитан, образован, љубопитен. Додека Милановиќ ефикасно ги „оплајпичува“, се гледа кои книги ги пропуштиле неговите опоненти. Очигледно е дека овој нешто во животот читал, па, исходот од резултатите ги видовме на последните претседателски избори и разликата што ја инкасира на свое конто. 

Во вториот круг, Зоран Милановиќ удри по мигрантите. Тоа, се разбира, не ми се допадна. „Тие ја сакаат нашата социјална помош“, вели Милановиќ. На тој исказ, немам сомнеж дека  лумпенграѓанството и масите љубат такви „инвективи“: некој им ги зема парите кои се нивни. Мене, не ме мрзеше да проверам колку пари мигрантите им земаат од социјалната помош на Хрватите: 147 мигранти им земаат 150 евра социјална помош, тоа не само што не е ништо за Хрватска, тоа во суштина е најмалку важно. Поважно и посуштински е што Милановиќ во овој исказ опасно манипулира, па човек добива впечаток како да го слуша Трамп или оној откачен Орбан, а грубата и неписмена гласачка толпа такви работи сака да слуша. 

Емотивните искази се секогаш поважни од фактите во политиката на популизмот.

Или ако не им се допаѓаат мигрантите од Непал, да речеме, луѓе кои ги работат најниските работни задачи, се прашувам зошто не ги набркаат, па нивните места не им ги дада на своите „хрватски деца“: да чистат ве-циња по омилените хрватски трговски центри, зошто не би копале канали или се качувале на скелиња наменети за градежното обновување на Загреб? 

Милановиќ исто така обожава да „дере“ и по Србите. А знаете како оди работата со „ориѓиналните мислители“ – таквите секогаш предизвикуваат контроверзи. Што значи Милановиќ им се обраќа на Србите од супериорна позиција на Другиот, користејќи ги најодвратните шовинистички стереотипи кои што изумереа дури и во најзабаталените и најопскурните биртии населени на рабовите низ нашите бившо-југословенски простори. Србите за Милановиќ се „опанчари“ и „шака јада“, и во конечноста – талог на Балканот, така вели Милановиќ, така јас ви цитирам.

Не е Зоран Милановиќ србофоб или србофил, туку е страшно претенциозен тип кој љуби да го слуша својот глас додека „брбори“ по телевизии и расправа за регионални и „глобални“ теми, а Србите, како и миграните, како впрочем и Пленковиќ, како и сите кои ќе му се најдат на нишан, за Милановиќ претставува згодна метафора за „оплајпичување“. Во конечноста, тоа му донесе втор претседателски мандат. Гадно е, ама функционира. 

А тоа што и во мојата земја, на тој загребачки фиќфириќ паѓаат во транс од среќа купишта домашни фиќфириќи, на крајот на краиштата не говори ништо за егото на Милановиќ колку што говори за падот на овдешните стандарди на овдешните политички фиќфириќи

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.