Интегрално соопштение на Влада:
„Добар ден на сите.
Како што влегуваме во 2025 година, моја чест е денеска пред вас да ја презентирам Програмата за работа на Владата за 2025 година, која, имено, беше донесена на 45-та владина седница. Би сакала да ги споделам со вас клучните столбови на оваа Програма и како тие имаат за цел да го подигнат животниот стандард.
Програмата за 2025 година е во функција на остварување на стратешки приоритети за 2024 – 2028 година, секој дизајниран да одговори на итните предизвици: од обновување на довербата во институциите, ефикасната борба против криминалот и корупцијата, владеење на правото.
Се разбира, економското заживување на земјата е наш врвен приоритет, поттикнување на силен циклус на економски раст, подобрување на севкупната транспортна инфраструктура, зголемување на животниот стандард, подобар и поквалитетен живот за секого, се разбира создавање на квалитетни работни места, модернизирање на образовниот систем и забрзување на дигиталната трансформација на јавните услуги.
Содржината на оваа Програма е поделена по тематски подрачја и е поделена по динамика по месеци за секој приоритет, што уште еднаш ја потврдува нашата посветеност на транспарентност и на предвидливост којашто можат да ја имаат граѓаните, да знаат што можат да очекуваат. Се разбира во минатото, многу од проектите беа одложувани, што уште еднаш потврдува дека оваа Програма има за цел да даде навремена испорака и мерливи резултати.
Дозволете ми да почнам малку подетално, во првиот дел од Програмата кој се однесува на акти и материјали по кои одлучува Собранието, ќе набројам само неколку од над 120 предлог-законски решенија коишто се предвидени во оваа Програма. Би ги издвоила Предлог-законот за управување со движење на предметите во судовите, ќе се работи на Предлог-закон за судска и јавна обвинителска служба, целта е да го подобриме стручниот кадар во овие служби. Би сакала да го споменам и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за спречување на корупција и судир на интереси.
Во вториот дел пак, кој се однесува на работата на Владата и на акти и материјали коишто ги носи Владата, опфатот е поширок на сите сегменти, би го споменала делот на образованието како што се реконструкција на училишни објекти, годинашниот буџет е за 6 милијарди денари повисок од оној којшто беше во минатата година или вкупно е 38 милијарди денари. Зголемени се блок дотациите кон општините затоа што ќе се прави покачување на платите на вработените во образованието веќе од месец март за 7%.
Повисоки плати од овој месец ќе добијат и вработените во високообразовните установи и тоа наставниот кадар за 14%, а ненаставниот кадар за 8%. Очекуваме дека ова јакнење на економската стабилност ќе биде стимул за дополнителна заложба кон поквалитетно образование.
Сосема на крајот би сакала да потенцирам дека во Програмата за работа на Владата околу стотина активности се однесуваат на обврските од Реформската агенда за 2024-2027 година и Планот за раст на земјите од Западен Балкан, што уште еднаш ја потврдува сериозната заложба за реформи на оваа Влада коишто се однесуваат на препораките од Европската Унија.
Продолжуваме со многу работа, нашата визија е јасна: држава во која системот функционира, просперитетна економија и влада која работи за граѓаните и на која граѓаните и веруваат“.