20. јануари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВ

Студентите ни велат: „Белград повторно е свет“

Пред некоја ден на студентските протести во Белград ја видов оваа порака која многу ми се допадна: „Београд је опет свет“. Веднаш, според оваа аналогија, сосема природно, ми проработе свеста за Скопје, па си реков на себе: градови кои не се било кои, ами главни (!), не може да бидат градови на „српски“ или „македонски“ светови; главни градови се простори на широчина и космополитизам, се’ помалку од тоа е ништо друго освен тешка селендра и припиздина, excuse my French. 

Имено, точката на пресврт, ми се чини, беше трагедијата во Нови Сад поради падот на настрешницата која уби 15 луѓе. И повеќе ништо не беше смешно. Се понудија оставки, а сеопштата парализа кај нашите браќа и сестри соседи трае, еве, повеќе од цела деценија.

Во Србија, барем од она кое можев да го забележам, владее децениска општествена апатија и чувство дека ништо не може да се промени. Денес, откако се побунија студентите, им се вели дека има надеж за промени. Побунетите студенти на сите ни покажаа како вистински изгледа храброста, солидарноста и зрелоста. Се разбира, тука во прв план доаѓа демократскиот начин на одлучување на студентите (преку студентските пленуми), отвореност за дијалог и ненасилен начин на борба за јавен интерес во пркос на сите клевети, провокации и физички напади.

А дел од тие физички напади кон студентите беа таканаречените „батинаши“ (групи за притисок!), а државната РТС – жива класика! – студентите ги нарече платеници кои имале политички агенди. Ама без разлика на приговорите, таласот на незадоволство во Србија почна масовно да се шири. Разбирливо, студентските протести во Белград, како и студентските пленуми, ќе ја обележат годината во Србија.

Познато ви е сценарио кое ни вели дека едните се платеници кои сакаат да го рушат насилно државниот поредок? Знам, ви звучи познато. Во политичкото мени на оваа земја и’ тоа го искусивме. Не „платеништвото“, ами репресијата, наместените судски рочишта, енормната пљачка, прислушувањето, тепањето на студенти, марширањето, бунтовништвото… Е, по се’ изгледа тоа ќе биде судбина и на денешна Србија. 

Не затоа што студентите се платеници (слушнете ги со каква свежина, дух и промисленост говорат!) или заговорници за некаква „Шарена револуција“ со која Вучиќ ги плаши своите поддржувачи, туку затоа што ситуацијата во Србија изгледа прилично лошо. Сличен менталитет сме со србите – ма што сличен, ист! – како една мајка да не’ раѓала, а богами и „системски“ сме слични (ако не и исто?) „нашпалирани“ во беда и авторитаризам. Нема тука некоја особена разлика. Можеби само во една: ние го имавме името кое ги променивме (за возврат добивме мировен договор благодарение на Заев и Ципрас!), а Србија го „има“ Косово кое го изгуби. 

Во двата случаи има(в)ме „политика на идентитети“ која претставува совршена стаза за авторитаризам и популизам од една, а од друга страна, имате апатија и(ли) масовни протести, со потенцијал на проширување. И обично така се завршуваат сите работи во овие нејаки земјички кои едвај дофрлаат до тамо за да бидат наречени држави. 

Сепак, мора да му се признае – Вучиќ е опасен политички манипулатор, демагог и популист. Нема сомнеж дека е напредна варијанта „Web 2.0 Груевски“ (со денешниот Х.М. ќе видиме што имаме, ама и тој, како и претходните двајца, натаму чекори во афинитетите и манирите). Сигурен сум дека ќе направи се’ за револтот и бунтот да го запре за да не му се прошири по цела земја. Имам впечаток дека сите ги гледаат студентите и никој не може да предвиди на каде ќе се одвива целата ситуација. 

Меѓутоа, не можам а да не цитирам неколку прекрасни млади луѓе со своите темелни артикулации; не можам а да не приметам колку се прекрасни, свежи и силни. 

„Не е фер да се стави цела борба на грбот на студентите. Да, ние ова го поттикнавме и имаме снага, го жртвувавме нормалниот живот, максимално излеговме од зоната на комфор и секоја ден правиме чекор напред. Сега е ред на вас, господа, не е фер се’ да тече нормално кога во оваа земја ништо не е нормално“. – Бранислав Ѓорѓевиќ.

Или Исидора Мајкиќ: „Испративме порака дека на студентите им е доста од се’. Нашите пленуми, на кои расправаме, се слушаме едни со други и го уважуваме сечие мислење, ама и сите останати акции и случувања на факултетот се многу важни затоа што покажаа каква сила имаме. Накратко – формирана е една нова брана во нашето општество.“

Нема тука што многу да се каже и анализира. Овие млади луѓе се нешто најдоброто во српското општество. Овие млади луѓе се повредени, ги чувствуваат неправдите и како што и’ самите велат – нема повеќе да трпат никого. Излегуваат напред, на барикади и улици, па што им даде милиот Господ-Бог. 

„Ја сакам Србија како правна држава, држава во која правдата и разумот ќе владее, а не да одиме едни кај други на Денот на жалоста“, вели студентката Емилија Петровиќ.  

Не знам што на самиот крај би рекол, можеби сами едно: се’ додека искрено се залагаат за правда и вистина во ваков свет, не велам дека ќе успеат, ама велам дека мора да се борат. Исто така би сакал да кажам дека и во оваа земја постојат луѓе кои цврсто ќе застанат пред секој насилник што ги гази и злоупотребува. А најважно од се’, ми се чини, е тоа што нивната надеж не е неоснована, поточно, во нивната потрага за вистина не се сами. И тука не мислам само на вакви како мене кои се воодушевени од студентите, туку би рекол и со религиски речник: „Оние кои ја бараат вистината, Бог е со нив“. 

Без разлика дали тие тоа го знаат или не. Извесно е дека студентите отворија огромна капија на промени, дали таа капија има уште една капија или капијата има уште капии, ќе го видиме тоа во деновите кои следат. 

Важно е дека бунтот вистински почна, а тој почеток е непроценлив и сјаен.