26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Британски министер: Нашите војници нема да одат во Украина

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами изјави дека Обединетото Кралство нема да испрати војници во Украина откако вестите сугерираа дека Британија и Франција ја разгледуваат оваа опција.

Тензиите меѓу Русија и Западот значително ескалираа во последните денови откога американскиот претседател Џо Бајден ја овласти Украина да користи ракети со долг дострел доставени од САД за напад на цели во Русија.

„Монд“ вчера објави дека Франција и Велика Британија не ја исклучуваат можноста за испраќање војници и приватни одбранбени компании во Украина повикувајќи се на неименувани извори.

Дебатата за испраќање војници во Украина беше повторно поведена по посетата на британскиот премиер Кир Стармер на Франција на 11 ноември, пишуваат француските весници.

Но, на прашањето за извештајот во интервју британскиот министер за надворешни работи рече дека ставот на ОК да не испраќа војници во Украина не е променет.

„Јасно е дека сме подготвени и дека продолжуваме да ги поддржуваме Украинците, особено со тренинзи, но постои долгогодишен став дека не испраќаме британски војници на местото на настанот“, изјави Лами за весниците „Ла Република“, „Ле Монд“ и „Ди Велт“ на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Италија./Извор:Makfax