22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

СДСМ поднесе Закон: 100 денари линерана субвенција за сите тутунари

Изјава за медиуми, Миле Талевски, пратеник на СДСМ – интегрален текст:

Почитувани,

Оваа година тутунопроизводителите повторно се разочарани од неспособноста и неисполнетите ветувања на власта предводена од Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Откупните цени на тутунот паѓаат, а тутунарите оваа година ќе имаат помалку пари во семејниот буџет.

Пред изборите, ДПМНЕ ветуваше повисоки откупни цени, зголемени субвенции и поддршка за тутунопроизводителите, но реалноста е сосема поинаква. Оваа година откупните цени, објавени од ресорниот министер Цветан Трипуновски, се: прва класа – 375 денари, втора класа – 300 денари, трета класа – 240 денари, и дополнителна класа – 115 денари.

Овие цени се ниски и не ги покриваат зголемените производствени трошоци на тутунарите и поскапените цени за производството кое тие го плаќаат.

Во време на владата на СДСМ, тутунарите добиваа многу повеќе. Благодарение на линеарната субвенција од 100 денари по килограм, без одбитоци, цените достигнуваа и над 500 денари за килограм тутун – историски највисоки откупни цени.

Истиот Цветан Трипуновски, кој пред изборите во февруари бараше сите тутунари да добијат линеарна субвенција од 100 денари, денес ги изневери земјоделците. Наместо линеарен модел, воведена е дискриминаторска проценка по класи: 80 денари за прва класа, 70 денари за втора класа, и 60 денари за трета класа.

Почитувани,

Повеќе од 20.000 семејства живеат од производство на тутун. Нивниот труд мора да се цени а Владата да помага за одржување на оваа гранка и да поддржи огромен број семејства кои живеат од тутунот.

СДСМ ја разбира важноста на тутунот и ги цени тутунопроизводителите. Затоа, како опозиција, поднесуваме Предлог-закон за финансиска поддршка на тутунопроизводителите. Овој предлог предвидува сите тутунари да добијат линеарна субвенција од 100 денари за секој килограм предаден тутун кај регистриран откупувач, без разлика на класификацијата. Со оваа мерка, цените повторно ќе се покачат над 500 денари по килограм, што е потребно за покривање на производствените трошоци и поддршка на семејствата кои егзистираат од тутунопроизводството.

Во изминатите седум години, СДСМ го докажа своето партнерство со земјоделците преку линеарни субвенции за тутунот, 6.000 денари субвенција по хектар обработена површина, и 100% покривање на трошоците за зелена нафта. Владата на СДСМ секоја година обезбедуваше повисоки цени на тутунот. Од 2014 до 2023 година, откупната цена се зголеми за 212%.

Повикуваме сите пратеници во Собранието да го поддржат овој Предлог-закон, кој е чекор кон вистинска грижа за земјоделците и нивниот труд. Тутунопроизводителите заслужуваат стабилност и поддршка, а не пад на цените и неизвесност.

СДСМ останува на страната на земјоделците и ќе продолжи да се бори за нивните права и подобра иднина.