24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ЛОКАЛНО

Герасимовски: 2.500 денари за пензионери во социјален ризик и приматели на социјална помош

Трета година по ред Општина Центар распишува Јавен повик за доделување еднократна парична помош за пензионери со старосна, семејна, инвалидска или социјална пензија не повисока од 23.758,00 денари. Јавниот повик е објавен денеска и важи до 29.11.2024 година. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски истакнува дека висината на еднократната финансиска поддршка ќе изнесува 2.500,00 денари и ќе биде по принципот „прв дојден – прв услужен“, се до исцрпување на средствата предвидени за таа намена.

„Ги повикувам сите пензионери кои ги исполнуваат условите да го искористат ова право и да си го олеснат секојдневието, особено во период кога се предвидуваат поголеми семејни трошоци поради претстојните празници. Сметаме дека секоја поддршка е значајна и може да придонесе за подобрување на животниот стандард на нашите повозрасни сограѓани,“ порача Герасимовски

Оваа финансиска поддршка Општина Центар ја доделува на граѓани кои се со постојано живеалиште на територија на Општина Центар и кои се приматели на старосна, семејна, инвалидска, социјална пензија (корисници на правото на социјална сигурност на стари лица) чиј износ не е повисок од 23.758,00 денари (согласно податоците од Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Република Северна Македонија исплатена пензија во месец септември 2024 година).

Заинтересираните граѓани треба да достават барање за доделување финансиска поддршка на пензионери во социјален ризик, копија од лична карта, копија од трансакциска сметка, за корисниците на старосна, семејна или инвалидска пензија – доказ од последна примена пензија (потврда/чек издаден од Банката во која се прима пензијата – за примена пензија во последните 2 месеци, односно за септември или октомври 2024 година), а за корисници на социјална пензија (корисници на правото на социјална сигурност на стари лица) – Потврда / Решение издадено од надлежниот Центар за социјална работа (ЦСР-Центар).

Барањето е достапно во Архива на Општина Центар-Скопје, барака 6 и на веб страната на општината https://www.centar.gov.mk/?p=23162. Потребната документација може да се достави секој работен ден од 09.00 до 14.00 часот.

Комисијата за селекција, формирана од Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, ќе ги разгледува и ќе одлучува по поднесените барања за остварување на правото за финансиска поддршка. На пензионерите во социјален ризик што аплицирале и ги исполниле потребните критериуми, Општина Центар ќе им изготви Решение за доделување на финансиска поддршка. Исплатата ќе се изврши директно на трансакциските сметки на барателите и ќе биде реализирана до крајот на тековната година.