13. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Филипче: Предлог буџетот за 2025 е неразвоен и недомаќинки, поднесуваме 200 амандмани

Предлог Буџетот за 2025 година е првиот буџет што оваа Влада го предлага, и токму во него граѓаните очекуваа политики кои ќе донесат подобар живот и економски развој. Но, наместо тоа, добивме документ без визија и креативност, кој е нереален, неразвоен и недомаќински, со цел да ги задоволи само предизборните активности. Овој буџет ќе биде генератор на нови долгови и уште една изгубена година за економијата и за граѓаните, истакна на денешната прес-конференција претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

„Овој буџет, како што е предложен, е скроен да ги задоволи потребите на власта, а не на граѓаните. Со раст на БДП од 3,7% што Владата го предвидува, а кој нема шанси да биде постигнат, овој буџет е уште еден обид за замајување на јавноста“, рече Филипче.

Тој нагласи дека и проекциите на Народната банка и Светската банка се под овие бројки, со што станува јасно дека овие бројки нема да донесат реален економски раст, туку зголемување на јавниот долг.

„Сите овие податоци покажуваат дека Владата е подготвена да ги задолжува граѓаните до следните три поколенија, без да создаде развој“, продолжи Филипче. Тој потсети и дека власта со својот прв Предлог Буџет постапува незаконски, со дефицит од 4% од БДП, спротивен на законските ограничувања кои дозволуваат максимум 3%.

„Со ваков пристап само го оптоваруваме буџетот, што на крајот ќе значи зголемени даноци или кратења на јавните услуги за граѓаните“, додаде тој.

Дополнително, Филипче остро ја критикуваше Владата за зголемување на непродуктивните трошоци и кратење на капиталните инвестиции во клучни сектори како здравство и образование.

„Зголемувањето на средствата за стоки и услуги и договорни услуги, наспроти кратењата во клучни сектори, само потврдува дека оваа власт нема концепт за развој. Граѓаните заслужуваат повеќе вложувања во образование и здравство, а не бесмислени трошоци,“ рече тој.

Претседателот на СДСМ исто така се осврна на средствата од заемот од Унгарија, планирани за поволни кредити преку деловните банки, за кои Владата се согласи граѓаните да ги плаќаат каматите.

„Зошто Владата ги задолжува граѓаните за да ги плаќа банкарските камати на компании кои не придонесуваат за подобрување на животниот стандард на луѓето?“ праша Филипче.

Филипче потенцираше и дека капиталните инвестиции во предлог буџетот покажуваат целосна безидејност. „Владата нема ниту еден сопствен проект, а капиталните проекти кои СДСМ ги започна, како коридорите на Бехтел и Енка, остануваат единствените што ќе се реализираат,“ изјави тој.
Притоа, Владата не предвидела значајни средства за модернизација на енергетски капацитети, гасификација или проекти за енергетска ефикасност. „Енергетската трансформација што ја започна СДСМ, како и поддршката за земјоделството, сега се намалени и занемарени. Оваа Влада не се грижи за долгорочен развој и остави земјоделците и малите претпријатија без соодветна поддршка“, рече Филипче.

„Ова е буџет што ги запоставува малите и средни претпријатија, кои сочинуваат околу 80% од работните места во земјата. Од 80 милиони денари, поддршката за МСП е намалена на само 18 милиони денари. Владата со ова јасно покажува дека ги фаворизира странските инвестиции на сметка на домашната економија“, додаде тој.

Филипче истакна дека СДСМ нема да гласа за ваков буџет и дека поднесе 200 амандмани кои целат кон подобрување на клучните фискални политики. „Преку овие амандмани, ние предлагаме зголемување на платите во јавниот сектор, посебно во образованието, полицијата и за пожарникарите, како и инвестиции во напредни технолошки средства за подобрување на безбедноста на граѓаните,“ истакна тој.

Според амандманите, СДСМ предлага одвојување на 3.500.000.000 денари од Буџетот за следната година за зголемување на платите во јавниот сектор. Со амандман којшто се однесува на образованието, СДСМ предлага издвојување на 996.406.000 денари за зголемување на платите на наставниците од основно и средно образование. Во полицијата, со амандман СДСМ предлага покачување на платите од 20%, додека, пак, за платите на пожарникарите да се издвојат 1.000.000.000 денари во Буџетот за 2025 година.

Филипче посочи и на амандманите за здравство, кои се насочени кон подобрување на медицинската инфраструктура и услуги, како и инвестиции во нова опрема и обука на медицинскиот персонал. Дополнително, амандманите во делот на енергетика и животна средина се насочени кон еколошки и одржлив развој, вклучувајќи субвенции за електрични возила и поддршка за проекти за производство на водород.

„Нашите амандмани ќе придонесат за рамномерен и одржлив развој и ќе ја поттикнат македонската економија кон вистински напредок. Веруваме дека ова е буџет што може да одговори на реалните потреби на граѓаните, но само со конструктивни измени и зголемени капитални инвестиции,“ заклучи Филипче.
Линк до видео: https://www.facebook.com/filipce.venko/videos/2895542973947891