14. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.СТАВ

Америка со Трамп плаши, или дали жена во политика не се бира, туку само се поставува?

Нема делимична или половична вистина. Половична или делимична вистина е комплетна лага. Лагата бара малку, затоа не и’ недостига следбеници и корифеи. Вистината бара се’. Затоа вистината секогаш е сама.

Ајде, сега, на почеток, да се лажеме. Се родив и растев во компактно, „среќно“ и традиционално семејство на татко, мајка и две деца. Ова, се разбира, е лага. Вистината е дека сум одгледан и растен од самохрана мајка (жена боркиња!) која остана без сопруг страшно млада и никогаш не се премажи. Оттука, не сакам кога се пцуе по жени, не сакам кога се кориси гаден и мизогин речник кон жени. Дали јас барам од читателите сочувство и емпатија за мојата мајка? Не, едноставно не сакам луѓе кои мразат жени. Било кои жени, без разлика каде се наоѓаат низ класните хиерархии на политичките системи. Не само што ги мразам, туку таквите и ги презирам.

Европската унија, во симболичка смисла, претставува жена. Нејзиното второ име е мир. За Европската унија врзано е и името „Апокалипса“; тоа име е производ на машкиот и десничарско-патерналистички (полу)свет. Европската унија означува нешто возвишено, ама и ужасно опасно. Апокалипсата, ако мене ме прашувате, е Кантова дефиниција за сублимно (нејзината величина е морална, интелектуална, естетска, духовна, емпатична или уметничка).

Рилке, пак, тврдеше дека уметноста е последниот вел со кој е покриен „ужасот на женското лице“. Но, што сокрива таквиот вел? Поточно, што е така опасно кое не може да се согледа без страшните последици? Одговорот гласи: вистината.

Зборот Апокалипса овде не означува крај на Европската унија или крај на женските права. Апокалипсата овде означува токму спротивното. Означува нешто добро скриено кое одбива велот да го подигне. Одбива да го види женското лице во чиста форма, а женското лице во чиста форма е самата срцевина на вистината.

Да се сокрие вистината е, значи, од најголема важност за овој свет. Или што би рекол Кафка: „Од лагите се градат поредоците на светот“. Лагата е конститутивна за овој свет, додека вистината за него е деструктивна. Само капка вистина доволна е светот да се растури на парчиња.

Новиот претседател на Америка мрази жени. Неговата патолошка омраза кон жените е очигледна и отворена. Целта на неговите навреди буквално значи уништување на женската личност. Трамп Бајден го нарекуваше „Џо поспанко“, а се сеќаваме дека „Поспанко“ беше еден од седумте џуџиња на Снежана.

Нам многу помили ни се некакви опскурни и бизарни Ричарди трети, од колку, да речеме – Офелија. Со голема одлучност (која беше така типична дури и за еден Шекспир) Трамп од Камала Харис направи чудовиште. Наместо да ја намали нејзината личност, Трамп Камала ја надува во медуза, сцила, грендел. Грендел, пак, означува митолошко чудовиште во англо-саксонската епска поема „Beowolf“.

Во текот на кампањата цело време ја зголемуваше нејзината перцепција за злобна жена која на Американците ќе им го загрози животот. Непрекинато зборуваше за чудовиштето Камала Харис, поврзувајќи ја на чудовишен начин со вонземјаните-мигранти за кои, во своите мрачни и манијакални халуцинации, преку јужните граници ќе упаднеле во американските куќи и ќе ги потепале и силувале домашните американци. На митингот од 29-ти септември, во Ири, Пенсилванија, на своите следбеници и поддржувачи им рече дека Камала Харис треба да се „отповика и изведе пред суд поради нејзините постапки. Таквите убијци се бездушни чудовишта, ладни како камен. Немаат срце“.

Трамп во своите халуцинации потполно ја поистоветува Камала Харис со разулавена војска на убијци. Нејзиниот персоналитет и личност ја поврзуваше со Тие: „Тие се груби, подли, погруби од се’ што може да замислите“.

Трамп ја смести Камала во хипер-хорор филм што ниеден режисер не може да ја смести во таквиот жарн. Тешко дека Трамп некогаш го читал Кант (такви дибеци не читаат ништо, освен рефератите и скриптите на популистичките пи-ар служби), така што овде ја отелотворува Камала Харис преку примерот на Кант за „возвишеното како спој на задоволство и незадоволство кое настанува од ‘немоќтта на фантазијата’“, а притоа ги маѓепсува и преплашува неговите следбеници и поддржувачи.

На платформата Truth Social oд 27-ми септември, напиша: „kamarad Камала Харис, допушти безмалку 14.000 илјади убијци слободно да шетаат низ нашата земја… Секој ден луѓе умираат поради неа. Нејзините раце се крвави“. За многу следбеници на Трамп кои се запознати со Библијата, евоцирањето ги асоцира и на „курвата“ на Откровението: „И видов жена пијана од крвта европија и од крвта на сведоците Исусови“.

Во Трамповите зборови има нешто исконски во описите на женскиот демон, нешто кое е извлечено од длабочините на мизогинијата: тоа е ужасот од жена на власт. Да ви дадам пример на шкотскиот проповедник Џон Нокс во неговото „Прво огласување на трубата против чудовишното владеење на жената“ (1558):
„Во природата полошо од чудовиштето е жена која се издигнува над мажот… Владеењето на жената и е oдвратно на правдата и води кон уништување на секоја земја во која е прифатена“.

Со овие примери сакам да кажам, или барем се обидувам да го кажам и следново: кога Трамп би се кандидирал во Северна Македонија, а богами и на целиот Балкан, не верувам дека со толкава количина на мизогинија би успеал да стане претседател. Не верувам и’ дека во било која Европска земја би станал претседател. Ама, ете, во Америка, земјата која извезува демократија и владеење на правото, очигледно му успева.

Оваа вистина за Америка на смее да биде нормализирана. А таа вистина е дека расистичките и мизогини говори не само што не треба да поминат, туку уште ни покажува дека жените во политиката не може да се бираат на општи и плебесцитарни избори, туку жените во политиката се поставуваат на функции.

Тоа, да бидам искрен, многу плаши. И многу говори за Америка во кој век застранува? Реторика со која Трамп беше избран, потсетува на времињата на инквизиција и демонизирање на жени во женски вештици.
Америка сериозно треба да се запраша дали со овој избор на Трамп покажува дека има голема недоверба кон жената. И колку време им е потребно да се привикнат на жена која може да ја заземе и претседателската функција во Републиката? Посебно што Камала Харис доаѓа од етничките малцинства на Америка.

И уште само едно прашање на кое немам одговор: дали трампизмот може да се шири како вирус без Трапм? Или: дали ова е пад во варварство на земја која со децении пропагира Американски сон?

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.