По шокантното убиство на градоначалникот на Кирхберг на Дунав, Франц Хофер (64), австриската полиција врши опсежна потрага по осомничениот Роланд Дрекслер (56), кој сè уште е во бегство.
Инцидентот се случил во понеделникот наутро во Алтенфелден, каде што Дрекслер наводно пукал во градоначалникот по што продолжил убивајќи го Јозеф Х., поранешен полицаец и водач на лов, во неговиот дом.
Поради бруталноста на злосторството и опасноста што ја претставува, од тој момент официјално се бара Дрекслер, а во целата област Рорбах е воведена вонредна состојба. Полицијата апелира до граѓаните да се држат настрана од Дрекслер, кој е класифициран како вооружен и опасен и да избегнуваат контакт со него, пишува „Кронен цајтунг“.
Полицијата ги мобилизира сите расположливи ресурси за претрес. Во акцијата учествуваат дронови, специјални единици со кучиња трагачи, хеликоптери и елитната единица „Кобра“. Дополнително, во акцијата е вклучена и воздухопловната полиција на МВР со цел следење на сите потенцијални патишта за бегство од воздух. Тешко вооружени полицајци се распоредени на клучните точки во областа Рорбах, вклучувајќи го и мостот „Дунав“ кај Ашач, за да ги обезбедат сообраќајните точки за да го спречат осомничениот да ја напушти областа.
Според достапните информации, Дрекслер патува со сребрено комбе „фолксваген“, со регистарски број RO-231 EL. По објавувањето на податоците од регистрацијата, полицијата добила многубројни пријави од граѓани за возилото, но засега нема никакви траги за напредок во потрагата. Полицијата нагласува дека е потребна претпазливост бидејќи Дрекслер ја користи неговата блискост со теренот; како ловец поминувал многу време во шумите и клисурите на реката Дунав, каде што може полесно да се скрие.
Мотивот за ова двојно убиство сè уште не е целосно јасен, но се верува дека Дрекслер решил да го изврши овој страшен чин поради несогласувања поврзани со ловот. Имено, според локални извори, убиениот градоначалник Хофер, како и другата жртва, биле водачи на ловот, а Дрекслер наводно бил незадоволен од нивното раководство или одлуките во врска со ловот. Официјалниот мотив сè уште не е потврден, а истрагата ќе продолжи да утврдува што точно му претходело на злосторството.
Поради опасноста што ја претставува осомничениот, регионот Рорбах е прогласен за зона со висок ризик, а полицијата ќе остане на терен додека не се најде Дрекслер. Портпаролката на полицијата, Улрике Хандлбаер, рече дека полициските единици нема да ја напуштат областа додека осомничениот не биде фатен нагласувајќи дека станува збор за зона со висока безбедност. Во меѓувреме, локалните жители изразија загриженост дека сценариото може да се повтори./Извор:Makfax