4. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Врховниот суд и Судско-медиумскиот совет ги промовираа препораките за снимање и фотографирање во судница

Врховниот суд на Република Северна Македонија и Судско-медиумскиот совет денеска во Врховниот суд ги презентираа препораките за снимање и фотографирање во судница.
Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, истакна дека препораките се засновани на заедничките заложби на Врховниот суд на Република Северна Македонија и Судско-медиумскиот совет за унапредување на судската транспарентност.

„Препораките ги имаат истите вредности над кои се засновани начелните ставови на Врховниот суд, деловничките измени за јавност на Општата седница и активностите на Советот за отворено судство, а со кои се зајакна транспарентноста на судовите и со кои се даде значаен придонес за судството од повеќе аспекти. Од нив, најзначајни се аспектите за истакнување на улогата на медиумската заедница во едно демократско општество, враќање на јавната доверба и почитувањето на транспарентноста како една од најцврстите гаранции за судската независност и интегритет“, нагласи Адеми.

Идејата на препораките е највисокиот суд во државата да ги промовира како насоки со кои ќе биде унифицирано снимањето и фотографирањето во судниците во предмети каде што има јавен интерес, а по примерот на Судско-медиумскиот комитет во Масачусетс, САД.

Во таа насока, претседателот на Судско-медиумскиот совет, Васко Маглешов, нагласи дека од суштинско значење е правдата да биде задоволена, но и дека правдата треба да биде видлива, што всушност е една од целите на Судско-медиумскиот совет, како тело во кое членуваат и новинари и судии. Во врска со препораките, Маглешов образоложи дека препораките се засновани на искуствата од САД, дека се усогласени со процесните закони и прописи и дека ја олеснуваат работата на новинарите. Претседателот на Судско-медиумскиот совет ја нагласи и потребата од континуирана соработка на судиите и новинарите во интерес на граѓаните и јавноста.
Вирџинија Елиот, директорка на ИНЛ во Амбасадата на САД, посочи дека преку транспарентноста се зајакнува јавната доверба, но воедно се зајакнува и довербата помеѓу судиите и новинарите. Елиот додаде дека Амбасадата на САД поаѓајќи од овие вредности, е партнер во заложбите за отчетно и ефикасно судство согласно принципите на владеењето на правото.

Судијата Џемали Саити, во чиј мандат како претседател на Судско-медиумскиот совет беше формирано ова тело, се осврна на почетоците на работата на Советот и за значењето кое го има за унапредување на судската транспарентност. Судијата Саити нагласи дека Судско-медиумскиот совет има големи успеси во работењето и дека во таа насока голем е придонесот и на Врховниот суд бидејќи највисокиот суд во државата и Судско-медиумскиот совет имаат иста визија.
Судијата Емилија Шопар Јованова, како актуелен член на Судско-медиумскиот совет, нагласи дека препораките за снимање и фотографирање во судница се значајни за унапредувањето на судската транспарентност, но воедно даваат и голем придонес и за борбата против корупцијата и за независноста на судството.
Настанот се заокружи со доделување благодарници на Васко Маглешов за посебен придонес за унапредување на судската транспарентност и на директорката Вирџинија Елиот за континуирана поддршка на судската транспарентност.
Претседателката Адеми од името на Врховниот суд на Република Северна Македонија се заблагодари на нивниот искрен ангажман и напори за унапредување на судската транспарентност, нагласувајќи дека само преку искрените заложби и волја може да се исполнат стандардите за современо и отворено судство.