Во зградата на Специјалниот суд во Белград денеска продолжува судењето на Милјана и Владимир Кецмановиќ, родителите на момчето Коста што уби девет ученици и обезбедувањето во основното училиште „Владислав Рибникар“.
Момчето убиец и денеска продолжува да дава исказ во постапката. Со оглед на тоа дека за време на масакрот имал 13 години, нема да сноси кривична одговорност за своето дело. Денеска ќе му поставуваат прашања родителите на убиените деца, пренесува Нова.рс.
Распитот на Коста почна на рочиштето што се одржа пред десет дена, а продолжува и денеска. Момчето на првиот распит одговараше на прашањата на судот, обвинителството, адвокатот и оштетените. За време на сведочењето Коста К. изговорил реченица која ги оставила во неверување родителите на убиените деца, пишува српски Телеграф.
„Чувствував дека другите деца ме отфрлија и затоа ги убив. Тој 3 мај донесов пиштол за да го направам тоа, но се уште не бев сигурен дека ќе пукам“, изјави Коста К.
„Мајка ми постојано бараше да бидам најдобар. Се лутеше и викаше кога не бев најдобар. Бидејќи постојано бараше повеќе од мене, јас бев лут на неа. Нејзиното однесување влијаеше на мене да го направам тоа што го направув. Да ги немав пиштолите на татко ми, немаше да го сторам ова“, рекол во судот Коста К., пренесува Блиц.
Прашања до момчето-упиец поставил и главниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, а ова е првпат шеф на обвинителство во Србија директно да учествува во процесот.
Во еден момент, како што пренесува Телеграф, очигледно му се слошило, односно лицето видно поцрвенело кога мајката на убиеното момче му поставувала прашања. Лекарите во зградата на Специјалниот суд му го измериле притисокот и потоа продолжил распитот.
Според неофицијални информации кои претходно беа објавени во медиумите, Коста пред обвинителството изјавил дека на 3 мај минатата година во 08:02 часот во дневната соба го фотографирал оружјето на неговиот татко, а потоа го ставил во ранецот и отишол на училиште, планирал да задоцни на првиот час за секој да биде во училницата кога ќе пристигне.
Тој нагласи дека кога стигнал до училиштето се двоумел и размислувал да се врати дома.
„Сакав да разговарам со мајка ми и да си одам дома, но во тој момент ми пријде чуварот и ме праша дали сакам да влезам во училницата. Имаше уште две минути до ѕвончето. Реков дека ќе почекам, но до тогаш бев веќе под стрес ме фати паника и го гледав како закана, можеби во смисла дека може да ме спречи да се вратам дома“, рече тој.
Според неговото сведочење, тоа било повод за да пука во училишниот чувар, по што влегол во училиштето и пукал во учениците. Во обвинителството опиша и што направил откако пукал во училиштето. “Имав уште куршуми, не знам зошто престанав да пукам. Скокнав низ прозорецот и повикав полиција. Мислев дека е правилно да се предадам. Се плашев дека некој ќе ме повреди или убие”, рече момчето./Извор:Makfax