22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.СТАВ

Неколку огледи за пишувањето, политиката и(ли) Филипче како нов и парадигматичен Game changer

Не знам колку пати во јавните гласила сум рекол за себе дека не сум аналитичар, „опинион мејкер“, новинар или дел од „пропагандна машинерија“, ами некој што се обидува да пишува ангажирани текстови.

Темата, чувствата, идејата во зборовите го одредува жанрот во моите текстови. Дали тоа значи дека јас сум колумнист и политички коментатор – да, значи; или можеби тоа е најблиску до она што сметам дека сум – „мислам, значи сум“ (Cogito, ergo sum, I think, therefore I am).

Колумна е столб во весник (портал или онлајн дневник) за секој еден граѓанин што смета дека има нешто да и’ каже на заедницата, а притоа, пишувајќи, се обидува да наметне сопствен „стил“, ако се испостави дека во моето пишување има некаков стил. Од друга страна, дали тоа значи дека сум писател (?) – иако сум во фаза на привршување на прозно дело – би можело ли да се рече дека уште си играм и писател?

А како се станува писател ако претходно во полемички текстови не си играте како да сте писател? Има писатели кои доживотно си играат како да се писатели, како што има новинари кои доживотно си играат новинари, аналитичари кои доживотно си играат аналитичари, експерти кои доживотно си играат експерти, политичари кои доживотно си играат политичари, актери кои доживотно си играат актери, сликари кои доживотно си играат сликари…

Без разлика која општествена маска вие ќе ја облечете – и ќе убедите што поголем број на луѓе дека вие сте тоа што сте преку вашиот јавен ангажман – вие во јавноста сте тоа; вие си играте, и тоа е така без разлика сакале ние го признале тоа или не, работите суштински изгледаат така.

Меги Тачер, се сеќавам, на едно место рече вака: „Не е важно што вие мислите за себе, важно е што јавноста мисли за вас“.

Се пишува со мака и од мака

Оваа денешна „тиранија на спектаклот“ (фејсбуци, јутубери, подкасти, мас-телевизии, соопштенија, коментари, селфија…), не е ништо друго освен игра која не е безболна и безопасна. Напротив, многу е болна и опасна како по нашиот живот, така и по животите на останатите луѓе.

Што сакам да кажам? Не уживам во пишувањето колумни. И сметам дека е нормално што не уживам. Како што не уживам и додека ја испишувам таа прозна книга. Не уживам ниту кога ќе се појавам – во ретки прилики – на телевизија. Посебно не уживам кога треба да се појавам пред некој „забревтан“ и „запенавен“ водител.

Сметам и дека често појавување на телевизија (на подкаст, на јутјуб, на тик-ток) е патолошка работа.
Јас мислам дека човек кога пишува, пишува со мака и’ од мака.

Човек се појавува на телевизија кога заедницата е загрозена, или би требало јавно да се зборува кога некое мнозинство ќе почне да дере кон некое малцинство, тогаш сметам дека исклучително е важно јавно да се делува.

Имено, се пишува со мака и со чувство дека се’ што пишувате е многу, многу лошо, и уште мислите дека треба да престанете со тоа. Дури подоцна (во времето и просторот), кога човек ќе го заборави напишаното, па повторно ќе земе да го чита, може да му се пристори дека и не е толку лошо она кое го напишал.

Каде се крие „меката моќ“ во Северна Македонија?

Косовскиот премиер Ајљбин Курти и Александар Вучиќ својот персонален конфликт го носат во Северна Македонија. Нема тука големи „геополитички превирања“ во кои се вклучени големи светски играчи во „локалното дерби“ на мали голчиња.

Имено, Курти веќе подолго време се обидува да се афирмира себе како лидер на Албанците во „западниот Балкан“, со јасна намера да го истисне Еди Рама, а Северна Македонија во тој мозаик од вектори на влијанија му е многу важна.

Како влијае Александар Вучиќ во Северна Македонија? Така што нашата земја е видена како најблизок народ на србите. Што значи дека српското влијание во Северна Македонија е повеќе одговор на делувањето на косовскиот премиер отколку што тоа претставува хегемонистичка тенденција на Вучиќ во земјава.

Од друга страна, денешниот проблем се и внатрешните односи на албанските партии помеѓу ВЛЕН и ДУИ; како што е проблем и очигледно расштелуваната влада на Христијан Мицкоски.

Без разлика што ВМРО-ДПМНЕ ја однесе најубедливата победа во парламентарната историја, и без разлика што си го одбра сама својот албански партнер, персонализиран во партијата ВЛЕН, ете, денес гледаме дека се обидуваат – преку Уставниот суд – да го оспорат и Охридскиот договор од 2001. година со укинувањето на таканеречениот „Балансер“.

На сите им сметаше кога Уставниот суд ги покачи платите на функционерите за 78 %, a кога денес истиот тој суд го укина „Балансерот“, правдајќи ја својата одлука дека бил застарен и надминат, јасно укажува на арбитража од највисоките инстанци на власта.

Прво се создаде атмосфера во јавноста против Албанците, а дури потоа Уставниот суд донесе одлука за укинување на „Балансерот“. Се’ укажува и на тоа дека власта и тука има посредно или непосредно влијание во одлуката на Уставниот суд.

Филипче како Game changer

Во секоја негова борба која ја води „тивко“, надвор од медиумите кои служат на неговите противници, без разлика што го клеветат и дефамираат полошо од злосторник и криминалец – засега Филипче настапува „сам“.

Наспроти себе има цела една болумента од луѓе кои ништо не му можат. А не му можат затоа Филипче го има најсилното во себе – неговата здравствена професија – врвен хирург – и изборниот легитимет како на парламентарните избори, така и во внатрепартиските превирања.

Човекот освои најмногу гласови и во двата изборни циклуси. Парламентарни и внатрепартиски.
А противниците особено не можат да го допрат неговото ментално и интелектуално здравје.
Најмногу од се’, кај него ми се допаѓа што е ужасно смирен и рационален. Барем за сега. Се гледа дека Филипче не е човек од улица, туку е беспрекорно образован и начитан. Дали го форматирала некоја дисидентска литература, тоа не знам, ама како ќе поминува време, неговиот глас се’ повеќе ќе се слуша низ македонските политички чаршии.

Луѓето, оние обични и секојдневни, на Филипче реагираат, не се рамнодушни, овој, пак, ги слуша што имаат да му кажат; тие потоа слушаат што тој нив има да им каже. Во плебесцитарна политика тоа е ужасно важно: да бидеш слушнат и да умееш да слушнеш.

Го сретнав неколку пати, а мојата прва и „вистинска“ средба со него беше во не така поволна здравствена состојба за мене. Ми помогна многу, во некоја смисла можам да речам и’ дека ми го спаси животот. Од тоа кое болував можеше и’ да се умре. Ете, јас успеaв, не умрев. Смртта ја одложивме за некое друго време.

Со какви луѓе ќе се опкружи во неговото опозиционо делување, не знам. Верувам дека ќе собере добар тим од луѓе кои најпрво ќе бидат солидарни едни со други.

Заслужува Филипче моја поддршка, посебно денес кога СДСМ е „слаб“, условно речено, ама како ќе поминува време, нужно, таа партија ќе расте, без разлика што многу луѓе посакуваат СДСМ да исчезне од политичката сцена, тоа нема да се случи.

Верувам дека народот ќе му пружи претседателска платформа; Господ му дал талент, а тој негов талент го претвори во знаење и пракса благодарение на тие негови златни хируршки раце.
Венко Филипче е несекојдневна политичка фигура во земјава. Дури би рекол дека е преседан, барем од ликовите кои до сега навикнавме да ги гледаме со нивното прешалтување од една на друга функција. Посебно навикнавме кога анонимуси ги вaдат од нафталин и ги директно ги ставаат на најсилни позиции.

Е, тоа не е случајот со Филипче. Тој човек сам се бори да подигне една детронизирана партија, а се обидува да поттикне и поширок граѓански слој во земјава, не само партиските членови. Тоа делување е за секоја почит, особен денес кога наспроти себе има аждаја која во Републичкото Собрание тежи – чисто клиентелистички – 2/3 пратеници.

Дозволте ми на крај, да кажам уште нешто за шармантниот доктор и политичар, Венко Филипче, преку едно алегорија и сеќавање/слика на Барак Обама кое го опиша во неговата книга „Ветена земја“.

Додека патувам, инспириран сум од луѓето – ги слушам нивните интимни животни приказни, ја разбирам нивната мака и тежина со која се соочуваат секојдневно, ја гледам нивната разочараност и чесност во начинот на кој ги искажуваат зборовите. Инспириран сум од љубовта и грижата за нивните деца. Тоа ме тера да работам за да ја направиме заедно оваа земја малку подобра од ова што е денес. А со тоа, тие од мене ќе направат подобар човек.

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Ставовите на авторот во рубриката Дијалог нужно не ги изразуваат уредувачките политики на порталот.