12. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Филипче: Благодарение на мудроста на партизаните македонската држава стана реалност

Во обраќањето по повод 11ти Октомври, Денот на народното востание, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, нагласи дека овој ден претставува еден од најважните датуми во македонската историја, кога македонскиот народ, заедно со останатите етнички заедници, се обединил во борбата за слобода и сопствена држава.

„Пред 83 години, група млади херои ги нападнаа окупаторските сили во Прилеп и Куманово, започнувајќи ја партизанската борба која ќе прерасне во општонародно движење и создавање на современата македонска држава. Благодарение на мудроста на партизаните, Македонија засекогаш се вброи меѓу победничките народи, а нашата држава стана реалност на политичката мапа на Европа и светот,“ изјави Филипче.

Тој потсети дека партизанската борба е симбол на единството на народот и стремежот кон слобода, вредности кои се темел на современата македонска социјалдемократија. „Ние во СДСМ, како наследници на традициите на НОБ и АСНОМ, продолжуваме да работиме во духот на победничката традиција, со клучни политички цели како слободата, социјалната правда и напредокот,“ додаде тој.

Филипче исто така ја истакна важноста на денешните предизвици, нагласувајќи дека СДСМ ќе продолжи да се бори за европската иднина на Македонија, и покрај откажувањето на актуелната власт од оваа стратешка цел. „Секогаш победуваме кога сме на вистинската страна на историјата. Како во 1941та и 1991та, така и денеска ќе бидеме на страната на напредокот,“ порача тој.

Филипче заврши со повик до граѓаните да го следат победничкиот дух на 11ти Октомври во сите идни битки за нашата држава, потсетувајќи дека борбата за Македонија е борба на сите нејзини граѓани.