Полициски службеници од ЕВР Центар и Бит Пазар, во соработка со Државниот пазарен инспекторат, спровеле засилени контроли во централното подрачје на Скопје во ноќта меѓу 14 и 15 ноември, од 22:00 до 07:00 часот. Според МВР, во акцијата биле констатирани 18 сообраќајни прекршоци и повеќе случаи што се предмет на понатамошна полициска постапка.
Дванаесет лица биле лишени од слобода во врска со член 215 од Кривичниот законик, едно поради безобѕирно управување со моторно возило, три лица во врска со член 204, а уште пет поради прекршоци против јавниот ред и мир. При контрола на угостителските објекти биле затекнати и седум малолетници кои консумирале алкохол, како и продажно место каде што алкохол се продавал на малолетници.
Полицијата контролирала и техно-забава во подземен паркинг на улицата „Кресненско востание“. Таму биле легитимирани 65 лица, прегледани 13 возила и уште едно лице било лишено од слобода во врска со член 215. За утврдените неправилности се најавени соодветни пријави и санкции.


