Колумна на Ненад Јовановиќ
Облечен како Големиот Гетсби, го брани колективниот идентитет мачно, тешко и неталентирано; повеќе ужива (премногу е очигледно!) во испивање на своето еспресо и својата гардероба, одошто ужива во својата „националност“.
Го погледав интервјуто на премиерот Мицкоски на „Канал 5“, пред неколку дена, во жанрот наречен „Само интервју“. И, какви се моите впечатоци?
Пред да продолжиме со впечатоците за интервјуто на Мицкоски, има ли некој што не знае кој беше „Големиот Гетсби“? Тоа е еден од трите најважни романи напишани на англиски јазик во дваесетиот век, односно еден од најдобрите американски романи на сите времиња.
Се работи за дојденец кој беше ветеран во Првата светска војна. Припаѓаше или беше дел од оние изгубени генерации. Неговата фатална љубов не е „Дејзи“, ами „Македонија“. Многу подобра околност за „Дејзи“ отколку што е добра околност за сите нас.
Имено, има нешто во „скопскиот воздух“ што прави речникот на премиерот да се промени, да се „прешалта“ во некаква комична „ние сме за Европа, ама не по секоја цена“ метафора; тонот на неговиот глас беше претставен (или мене ми се претстави?) со некаква лажна пристојност, да не речам „питомост“, да не речам „инклузивност“, широчина…
А во себе, гледаш и чувствуваш, тлее некој внатрешен бес кој и’ тој бес, кога подобро ќе размисли човек, не е без покритие.
Лакирана „ципела“, убаво одело, стројно стегнат, начешлан, о’рен, го брани „идентитетот“ на македонците. Сакам да кажам – скапо изгледа; се гледа дека не вози точак, се гледа дека целата моја гардероба (лето, есен, зима, пролет) чини колку неговите чевли, а сета техничка опрема која ја имам: шпорети, фрижидери, телевизори, компјутери, кревети, столици, маси, па дури и сите книги кои сум ги купувал последниве дваесет години (а тоа не е мал број), помалку чинат од неговото одело кое признавам, убаво му стои, што јес, јес.
Можеби сите скапи одела на светот на сите луѓе убаво би им стоеле кога овие би имале пари да си ги дозволат?
Добро, никој не ми е виновен што јас немам, а Мицкоски има пари да си купи скапо одело. Затоа денес и’ позициите не ни се исти: тој е премиер, а јас сум обичен граѓанин. Тој се занимава со „мојот живот“ и околностите во кои јас живеам, а јас се занимавам со тоа дали моите околности од неговото владеење се подобри или полоши.
И тоа е целата разлика измеѓу мене и него. А оделото убаво му стои, признавам. Ама не сме тука за тоа, ами сме за нешто многу поважно.
Во Европа, имено, ќе сме влезеле само со „идентитетот“, никако без него, нешто од прилика така беседи Мицкоски на интервјуто. Ова ме наведува на прашањето, што е, според Мицкоски, воопшто тој идентитет?
Дали тоа напросто може да се одвои од човекот (или народот, државата), да се откине, да отпадне како краста, па животот на човекот (нацијата, државата…) да продолжи како ништо да не било, без разлика што беше, оти човекот (нацијата, државата) имаше идентитет, а денес нема, туку е сирак беден, без никој и никаде, дури и без самиот себе? Па така плови низ светот како авет исчистен од „суштина“…
Како, всушност, тие луѓе воопшто го замислуваат „идентитетот“? Што е тоа за нив? Тоа прилично е невозможно да се утврди, затоа што тие детално за тоа не се изјаснуваат, мислејќи дека тоа се подразбира.
Ајде тогаш да се обидеме вака: дали некоја друга земја можеби остана без тоа нешто кое претставува основен идентитет во процесот на придружување во Европската унија, па сега нам ни останува да не ги повториме нивните грешки?
Дали некоја од „старите“ Европски членки, оние помалите: Данска, Холандија, Португалија или Луксембург го изгубија својот идентитет? Или го изгуби идентитетот некоја друга земја од, да речеме, „европскиот исток“?
Можеби Словенија, Словачка или Полска го изгуби својот идентитет кога влегоа во Европската унија? Или последните кои се „пикнаа“ во Европската Унија, како Романија или Бугарија, го изгубија својот идентитет? Можеби Хрватска го изгуби својот идентитет кога во 2013 година влезе во Европската унија?
Знаете што, влегле вие или не влегле, вие сте тоа што сте (ете, тоа сте вие или сите ние, Македонци, браво за вас, секоја чест!), и никогаш нема да бидете ниту подобри ниту полоши од себе.
Да се дига паника (или можеби „проветрување“?) за една неодредена и мистична супстанца на идентитетот преку евроинтеграциите, претставува ништо друго освен националистички мит, а тој мит не е измислен во Македонија.
Не, драги пријатели!
Исто трубат и во британскиот БНП, а богами и кај Ле Пен во Франција, исто трубат и кај сите оние источноевропски националисти, без разлика каде и на која географија да се завртите.
Меѓутоа, „иденитетот“ е нешто кое е постојано и кое секогаш ќе биде тука додека има свет и век, и неговата вредност е универзална, од западните делови на Ирска па до пред капиите на градот Едрен.
Освен ако вие не мислите, што знам, дека на англискиот идентитет нешто му „шкоди“ што, да речеме, во Лондон може да јадете што ќе посакате (грав, зелка, сарма, ајвар, ќебапи, тавче на гравче…), а не само fish and chips.
Зошто не малтеретира Мицкоски со таа глупава флоскула „идентитет“ кога и самиот знае дека тоа е ништо друго освен глупава флоскула. Или можеби мисли дека со својата заштита на идентитетот така ќе ја отклони опасноста која демне над Македонија?
Ако навистина сака да го зачува македонскиот идентитет, нека повеќе се грижи за животот на луѓето во оваа земја.
За сите луѓе во оваа земја, за нивните плати, за нивните слободи, за нивните подобри животни околности.
Оти го научивме барем тоа, а тоа што го научивме и не е особено многу: штом почнат приказни за идентитетот, знајте, некој дебело ќе се масти на сметка (и на штета!) на сите останати граѓани.
Оти потоа – како споени садови – ќе гледате и’ други облечени во стилот на „Големиот Гетсби“, кои повеќе ќе уживаат во испивање на своето еспресо одошто ќе уживаат во својата „националност“.
Пишува: Ненад Јовановиќ
Текстот е личен став на Авторот.
Ставовите на авторот во рубриката Дијалог нужно не ги изразуваат уредувачките политики на порталот.