4. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.СТАВ

 Каде отидоа сите оние возови?

Во мојата свест Железничката станица во Скопје беше голема, скорo како Empire State, само поубава; и само што тогаш јас бев многу мал и многу млад, ѓаволски млад. 

Поминував покрај неа и под неа, неколку десетици пати изминативе и-ха-хаа години, бркајќи свои, приватни работи, потполно нечувствителен (или рамнодушен?) што се случува внатре во неа; чисто колку да ја погледам – од љубопитност – нејзината внатрешна душа и убавина. Срам да ми биде!

За што зборуваш, Јовановиќ, дали е тоа некоја девојка од младоста, оти ни велиш „поминував покрај неа“? Не е „девојка“, а можеше да ни биде, ама ја упропастивме, истепавме, можеби и трајно убивме, а одговорност немаме, ниту имаме „трансвер на вина“. Јок, ја оставивме онака запуштена и трајно упропастена да го чека својот „принц на бел коњ“. А принцот го нема, белиот коњ уште помалку. Мислам, коњи има колку сакате, ама ги нема оние бели, големи, убави, начешлани, нахранети, негувани.

Ништо повеќе не ни е важно, или можеби само така се правиме, дури и’ ми се чини дека се’ ни стана споредно и ништожно сеприсутно. 

Имено, на порталот „24info.mk“ видов краток клип за состојбата на Железничката станица во Скопје: потполно девастирана, распадната, како некој да и’ откинал половина тело или цела глава. 

Во мојата свест Железничката станица во Скопје беше голема, скорo како Empire State, само поубава; и само што тогаш јас бев многу мал и многу млад, ѓаволски млад. 

Патував со воз(ови) на релација Кичево – Скопје – Белград, стоев пред нив фасциниран, чувствував како некои важни и притаени дугмиња да се притискаат и отпуштаат; чувствував како некои луѓе се спојуваат и разминуваат, а потоа заминував и јас, со најчудното чувство на светот кое се врежа некаде трајно помеѓу мојот стомак и моето грло. 

На Железничката станица во Скопје, почетокот и средината на деведесетите години, за прв пат видов човек што беше облечен како „Јасер Арафат“ со се онaa неговa „шалкапа“ и оние негови црни наочари; потоа гледав црни, бели и жолти луѓе. Прв пат видов и луѓе кои имаа закосени очи. Железничката станица во Скопје, од тоа време, беше преполна со луѓе кои некаде одеа, застануваа, се среќаваа, па повторно одеа, застануваат и се среќаваа. 

Железничаката станица во Скопје не беше било која железничка станица, туку главна! Со голема станична зграда, перони, чекалници… Железничката станица во Скопје беше полна со патници, кондуктери со мустаќи, полицајци, манијаци, клошари, гулаби, џепароши, шверцери; железничка станица со сите оние изгубени и пронајдени души кои такво место природно ги собира. 

Денес, Железничката станица е укредена, киднапирана, убиена во поим, со откинато тело и глава; ни ја украдоа оние кои го усовршија занаетот на пљачка и измама, така што денес овој простор изгледа како паранормална појава, формално е тука, ама ја нема; никој за неа не пишува, никој никаде не ја објавува, освен тивко, по фесјбуци и портали, понекогаш, ако ни текне, си шепкаме за неа, ставаме по некој лајк, и тоа е се’.

Се родив и пораснав во градови кои имаа железнички станици. Пред некоја година, пак, за еден човек, за кого мислев дека знае кои се најважните елементи на еден град, го прашав дали знае што е тоа што го конституира еден град, а овој ми тресна во фаца и на прва: „инфраструктура“! 

Јебала га инфраструктура.

За еден град да биде град потребно е да има градска библиотека, професионален (или аматерски) театар, дом на култура, најмалку две книжари, кино-сала, автобуска станица. И погодувате – железничка станица. Град што ги нема овие елементи значи дека се работи за припиздина, селендра, касаба. 

Возовите од моето место на живеење беа оддалечени неколку минути, до крајот на улицата, па првото ќоше десно, и повторно десно. Пред да се појавам на железничката станица, го чувствував нејзиниот мирис: шините, замастените прагови, и го слушав нејзиното дишење. Некоја локомотива почнуваше да се загрева, припремајќи се да јурне напред – со 3-40 километри на час (возовите одеа мачно и споро) – низ нашите котлински и равничарски села, влегувајќи во градови со оној препознатлив звук, со она тешко и лесно издишување што го правеше локомотивата која прикочува. 

Во возовите имаше напитоци кои некој „брко“ ги носеше од купе-до-купе; студентарија која се напиваше пива, а некои сркаа сокови и лижеа лижавчиња на дрвени стапчиња. Додека мљацкавме и пиевме, ќе се слушнеше оној динг-донг, а потоа доаѓаше оној оддалечен глас на разгласот, или ќе слушнеме како некој невидлив кондуктер свири со неговата пишталка. Дури потоа ќе ги видев останатите возови и светлината која почнува да се развива штом навлегуваме према Скопје. 

Да се гледа Скопје пред седум часот наутро од воз, за мене беше нешто најубаво кое во тоа време сум го видел. И големо, широко, без разлика што беше сиво заради познатата скопска магла и смог во воздухот; навлегувањето во Скопје за мене претставуваше „океанско чувство“ на возбуда и предизвик.

Денес во Скопје нема Железничка станица, мислам ја има, ама како да ја нема. Не знам ниту дали некој повеќе се вози со воз… Не знам ниту дали денес има возови. Додека „традиционалните“ баби и дедовци се чешлаат и зачешлуваат, расположени за пензиските покачувања, оваа екипа ќе ги расшлајфува нашите животи, и никому ништо. Натаму е тргната. Сите „знаци покрај патот“ укажуваат на тоа.

Тие ја демонтираа(т) нашата реалност и ја ставаа(т) во џеб ако им вреди, или ја фрлаат на депонија ако не им е потребна, а ние може само слободно да ја набљудуваме Железничката станица во Скопје, потполно немо и немоќно. 

Барем да се прашавме каде отидоа сите оние возови?

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Ставовите на авторот во рубриката Дијалог нужно не ги изразуваат уредувачките политики на порталот.