Навистина не знам што му значи изјавата на премиерот пред да оди во Брисел – „полни сме со фрустрација“, и навистина не разбирам што мисли кога вели – „не можеме да прифаќаме ултиматуми“.
Зошто, по ѓаволите со мене, полни се со фрустрација и за какви ултиматуми станува збор?
На власт се и имаат 2/3 мнозинство во Собрание, имаат купишта пари, никој ништо не им може, никој не им се заканува, имаат „стабилна влада“, притоа, пристојно се облечени, изгледаат квалитетно најдени и квалитетно напиени, ги имаат речиси „сите медиуми“ на кои може да се појават додека речете „Јужна Дакота“; социјалните мрежи ги господари нивната партиска војска – лајка и хејта – многу добро знае за каде е насочено првото – за дискредитација, и за каде е насочено она второто – за афирмација; колку што знам, во земјава нема војна, нема револуција, нема некој што сака да пучира, не знам ниту дали има некој што сака да протестира…
Сите молчат како попарени. Или збунети, што некако на исто му доаѓа.
Попатно, може да вработуваат и отпуштаат кого сакаат: нивните синови и ќерки може да бидат советници и директори; може да патуваат низ целиот свет; државните претпријатија полни се со „способни“ кадри (оти оние другите кои паднаа од власт, нели, не беа способни); имаат анонимни Управни одбори во кои може да се дигне „рачичка“ и на секој први во месецот да стигне паушал (или хонорар) „тамо кајшто треба“; Локалните самоуправи се под нивна команда, локалните пари тие ги господарат…
Од каде толкава фрустрација, ако им веруваме на зборовите на премиерот Мицкоски? Како може да помогнеме нивната фрустрација да се намали или ако треба, ете, целосно да се неутрализира. Луѓе сме, ќе учиниме. Само нека кажат.
Еве, ако треба, на сопствен пример би покажал: ќе престанам да пишувам критички и ангажирани текстови, ако тоа барем малку од малку им помогне и’ се намали нивната фрустрација.
Ако треба да се отселам од земјава, можам и тоа. Само нека кажат, луѓе сме, ќе поможиме.
Но, сепак, не сум толку наивен човек (иако во основа сум страшно наивен). Во мицковата изјава од посетата во Брисел, лежи некој ситен и шибицарски ќар. И како што времето минува, почнувам се’ повеќе да верувам – без разлика што тоа верување не можам да го докажам – митологијата за нивната „фрустрација“ е смислена пропаганда наменета за нивните „патриотски медиокритети“ кои Македонија ја посакуваат засекогаш да остане растурена, неуредна и фрустрирана, и само во таква, заулавена земја, ваквите и слични, возможно е да бидат „истакнати“ персони заедно со нивните поблиски и подалечни роднини, слуги и (оп)служители.
Понекогаш од срцето низ главата – во која погрешно го лоцираме созадавањето на мислите – ми поминуваат еретички и некоректни мисли, на пример оваа: зарем не мислите дека фашизмот беше реакција на антифашизмот? Се разбира дека овој израз треба да се земе сериозно.
Да се сетиме на пример во времето на развојот на комунизмот и создавањето на фашизмот / нацизмот, што значеше дека светот се наоѓа во истото распаѓање слично на денешното и причината за таквото лудило беше брзата демократизација на општество кое на демократизација не и’ беа дораснати, па од таквата демократизација – како во случајот со нагло „демократизираната“ Југославија – најголемата корист за себе (и невројатната штета по останатиот свет) ги извлекоа амбициозните јуродиви типови (свети лудаци и свети будали), шарлатани и пропалитети.
Ако Вајмарската република не беше во страото расуло, распрчкана во неправди од сите типологии, Хитлер – кој, сега ми паѓа на памет, беше емигрант – не би имал никакви шанси.
Би се обидел тој, се разбира, своите „идеи“ да ги спроведе на дело, ама под режимите кои ги сруши „Големата војна“ сигурно ќе завршеше како Груевски и беше дислоциран во друга држава или друг затвор, што некако на исто му доаѓа. Но, да не навлегувам премногу во историски интроспекции, дозволете ми да ви раскажам една кратка, а реалистична (и можеби поучна?) приказна за Европа.
Пред неколку години, еден мој пријател со воз, од аеродромот во Цирих се возел према Базел. Убава и незамисливо скапа земја, убави градови, ми вели мојот пријател. Му се допаднала Швајцарија особено тогаш кога стоел пред излозите од дуќани преполни со часовници. Гледал рачни часовници од по десет-дваесет илјади евра. И тоа баш убави и добри часовници кои може човек да примети зошто толку пари чинат, ама исто така приметил дека такви часовници не би требало да имаат место на овој овоземен, материјален свет. Еве зошто мисли дека не би требало да постојат?
Такви часовници понекогаш гледаш на нашите балкански шанкови ги носат нашите разбојници, политичари или фудбалски тренери… – во секој случај патриоти, така вели мојот пријател. И наеднаш, драг мој Ненаде, ми вели мојот пријател, тој часовник повеќе не е убав, добар и квалитетен, туку е некако гаден и светлуцав.
Во швајцарскиот излог е поинаков, обичен. Како што е поинаков и складно обичен на раката на некој кој, еве, се вози со истиот воз како и јас, и таквиот човек притоа изгледа многу поскромно облечен одошто сум јас облечен, ми вели мојот пријател.
И таквиот впечаток толку силно се вмрежува во мојата свет, што напросто поинаку почнува да работи мојта имагинација, ми вели мојот пријател. А заради вакви работи мене ми е многу важно да патувам. Кога сум во Скопје, ми вели мојот пријател, кога ништо во мене не создава силен впечеток од луѓе и настани, јас во основа настојувам да останам неприметен.
Во Македонија, и кога обично не сум во неа, имам впечаток дека ова е најсмешната влада во историјата на оваа земја, и човек има впечаток дека ваква будалеста каква што е, нема да потрае повеќе од четири години, ама јас не умеам повеќе ни во тоа да се соживеам, ми вели мојот пријател.
Се чувствувам како сит човек што минува покрај излози со храна, и никако не успевам да замислам како се чувствував кога бев гладен. Со текот на времето човек се наоѓа на крајот од неговата имагинација, ми вели мојот драг пријател.
Пишува: Ненад Јовановиќ
Текстот е личен став на Авторот.
Ставовите на авторот во рубриката Дијалог нужно не ги изразуваат уредувачките политики на порталот.