Продолжува да расте притисокот врз министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, откако СДСМ денес повторно објави скандал, во кој е замешан тој и неговите началници. Како што објавија од СДСМ, токму началник поставен од Тошковски на северната граница, Наим Рамука, бил директно инволвиран во пуштањето на Блерим Рамадани во Косово.
„Како што вчера објавивме и според информациите до кои дојде СДСМ, на 10.8. додека Блерим Рамадани требалот да биде во куќен притвор, тој всушност бил на Косово. За неговиот транспорт до Косово бил задолжен ни помалку ни повеќе, туку Началникот на северната граница со Косово, Наим Рамука. Човек кој е неодамна поставен на оваа позиција од Тошковски. Согласно информациите, Наим Рамука со возило Рено, го земал Блерим Рамадани од живеалиштето каде бил во куќен притвор. Од таму се упатиле кон границата со Косово кај Блаце и во 18 часот и 40 минути, по лентата за товарен сообраќај, ја поминале границата без никаква контрола“ рече пратеникот од СДСМ, Митко Трајчулески и додаде дека вечерта, на ист начин и без контрола Рамука и Рамадани се вратиле назад.
Трајчулески потсети дека Рамука е истиот началник на Тошковски кој ги пропушти Гаши и сватовите да поминат без контрола на истата граница.
„На 14.08. четири дена подоцна, односно на денот кога Рамадани официјално ја напушта државата, преку границата го носи друго лице. За транспорт, овој пат со возило марка Фолксваген Пасат и скопски регистарски таблички, е задолжено лице вработено во општина Чаир како раководител. Неговиот идентитет нема да го откриеме и ќе почекаме то ада го напраави ОЈО. Ова лице и Блерим Рамадани на границата со Блаце биле пропуштени од раководителот на смена без контрола, кој пак добил директна наредба да ги пропушти од погодете кој, Наим Рамука“ рече Трајчулески.
Од СДСМ прашаа што правеле Тошковски и полицијата додека со часови Рамадани бил надвор од државата.
„Како е тука виновен било кој друг освен МВР што криминалец баран со меѓународна потерница, се шета преку границата кога сака и како сака. Има ли поголем доказ дека ова е акција на МВР со коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ за да се пушти Рамадани на слобода? Ќе молчи ли повторно Тошковски за неговата вмешаност во овој скандал? Ќе продолжи ли да го брани Наим Рамука кој очигледно ја има приватизирано границата за свои политички потреби со амин токму на Тошковски? Ќе има ли конечно одговорност или Мицкоски и Тошковски ќе продолжат да ја префрлаат вината на други?“ рече Трајчулески.
СДСМ побара ОЈО еднаш да отвори постапка за организирано пуштање на слобода на затвореник од страна на лица вработени во МВР и Општина Чаир, да се истражи кој се учествувал во пуштањето на Рамадани и да се покренат постапки против сите.
„Бараме Тошковски итно да поднесе оставка, а пред тоа да го направи, да ги разреши сите кои тој ги поставил на границата со Косово почнувајќи од Наим Рамука кој се однесува како шериф на границата. Секако, Рамука ова не би го правел без амин од Тошковски, затоа двајцата мора да заминат. Му порачуваме да не се обидуваат преку жртвени јагниња од пониските ешалони да ја покриваат својата одговорност“ рече Трајчулески.