23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Се огласи МВР по обвинувањата од венецуелските институции за хакирање од македонски државјани при изборниот процес

Соопштение на МВР:

Во врска со објавите за наводни изјави од страна на властите во Венецуела дека за време на изборите кои биле одржани на 28.07.2024 се случиле наводни хакерски, Ddos напади од корисници на македонски IP адреси, Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека Секторот за компјутерски криминал ги следи случувањата во однос на наводните обвинувања кон македонски државјани и исто така наведуваме дека до сега, не се пристигнати никакви барања или информации во однос на горенаведеното од страна на властите во Венецуела за понатамошни проверки од наша страна.

Исто така, ја информираме јавноста дека дури и појавувањето на македонски IP адреси во некаков наводен напад не значи дека истите изворно потекнуваат од Македонија, односно по досегашното искуство може да информираме дека постои голема веројатност истите да користат ВПН (Виртуални приватни мрежи) или пак да се дел од поголема BotNet мрежа, односно да потекнуваат од таканаречени инфицирани зомби компјутери, кои се компромитирани од страна на хакери преку компјутерски вируси или малициозен софтвер и истите можат да извршат зададени задачи далечински управувани од поединци или група на потенцијални хакери.

Најчесто жртви на ваквите зомби компјутери се лица кои не знаат дека нивните компјутерски системи се инфицирани со малициозен софтвер и без нивно знаење и согласност се вршат Ddos напади кои претставуваат злонамерен обид да се наруши нормалниот интернет сообраќај на зададениот сервер, сервис или мрежа за пристап до одредена цел во еден ист момент со цел блокирање, преоптоварување на истата.