„Пред само неколку години беше апсурдно да се организира конференција во 21 век, која е за мир и одржлив развој. Особено по двете големи светски војни во минатиот век, по војните во делови од светот кои беа за заштита на демократијата од опасноста на автократските и тоталитарните режими“ рече поранешниот премиер Зоран Заев на Меѓународната конференција за мир и одржлив развој во Атина.
Тој додаде дека сепак по руската воена агресија врз Украина, мора да го прифатиме фактот дека мирот не е нешто што ни е дадено за навек.
„До вчера ја славевме Еввропа како континент на мир, а денес се соочуваме со закани од војна на истокот од континентот. Тие закани имаат потенцијал да го загрозат мирот на целата планета. Овие закани стануваат пореални кога се гледаат и во перспектива со вооружениот конфликт во Израел“ рече Заев.
Тој додаде дека ако Европа е адвокат на мирот и демократијата, кои се нејзини темелни вредности, тогаш наша обврска, за иднината на Европа, треба да биде одбраната на тие вредности, инвестирањето во мир, дијалог, соработка, компримис и разбирање.
„Поддржувањето на Украина во војната против агресорот Русија е војна на вредности. Треба да се направи се што е потребно и да се даде целата поддршка на демократските сили на Украина за целосно да се одбранат од агресивноста на автократска Русија“ рече Заев.