23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Претседателот на Собранието, Африм Гаши оствари средба со амбасадорот на Косово, Флоријан Ќехаја.

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска оствари средба со амбасадорот на Република Косово во Република Северна Македонија, Флоријан Ќехаја.

Претседателот Гаши оцени дека билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Косово се на високо ниво, со плодна соработка во бројни области. Тој изрази задоволство што парламентарната соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Собранието на Република Косово се карактеризира со интензивна динамика, како и уверување дека овој тренд ќе продолжи и во тековниот парламентарен состав. Осврнувајќи се на бројните билатерални средби, тој особено ја нагласи соработката меѓу пратеничките групи за соработка од двата парламента. Подвлече дека пратениците од двете земји успешно соработуваат и се поддржуваат и на мултилатерален план, во рамките на меѓународните парламентарни собранија.

Честитајќи му го изборот за претседател на Собранието на Република Северна Македонија, амбасадорот Ќехаја му посака на Гаши успех во извршувањето на оваа значајна функција и изрази очекување за продлабочување на успешната соработка. Тој изрази задоволство што Република Северна Македонија има афирмативен став за пристапувањето на Република Косово кон сите мултилатерални и регионални организации и иницијативи, како и благодарност што пратениците од Делегацијата Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа го дадоа својот глас за поддршка на членство на Република Косово во оваа организација.

Гаши и Ќехаја се осврнаа на заедничките заложби за натамошно унапредување на економската соработка и инфраструктурното поврзување меѓу Република Северна Македонија и Република Косово, при што како приоритетно беше нагласено завршувањето на патната делница Скопје-Блаце. Соговорниците ја нагласија потребата за осовременување и подобрување на капацитетите на граничните премини, со воведување на концептот на заеднички контроли, што во дополнителна мерка ќе ја олеснат комуникацијата меѓу граѓаните од двете држави и бизнис заедницата.

На средбата стана збор за претседавањето на Република Северна Македонија со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), како значаен форум за политички и дипломатски дијалог, во кој на еднаква основа се вклучени сите држави од регионот. Претседателот Гаши информираше дека во рамките на претседавањето, Собранието на Република Северна Македонија ќе биде домаќин на 11. Пленарната сесија на Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, што ќе се одржи 18 до 20 јуни годинава.
На крајот од средбата, претседателот Африм Гаши и амбасадорот Флоријан Ќехаја разменија мислења за можните идни средби и состаноци меѓу пратениците од собранијата на Република Северна Македонија и Република Косово.