Македонската книжевност и годинава ќе биде претставена на Саемот на книгата во Франкфурт, еден од најзначајните светски собири на издавачката индустрија, кој од 7 до 11 октомври ќе ги собере издавачите, авторите, литературните агенти, преведувачите и професионалците од книжевниот и креативниот сектор од целиот свет.
Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) го продолжува континуираното присуство на македонската книжевност во Франкфурт, годинава со освежен изглед на националниот штанд, со повеќе книги и автори и со појасно структурирана понуда наменета за меѓународниот издавачки пазар. Асоцијацијата го продолжува препознатливиот комуникациски концепт „Читај во 7/8“, воспоставен минатата година како идентитет на националниот настап во Франкфурт. Ритамот 7/8, карактеристичен за македонската музичка традиција, во овој концепт е пред сè метафора за македонската книжевност – книжевност со сопствен ритам и препознатлив глас.
Во фокусот ќе бидат современата македонска книжевност и литературата за деца, како и можностите за поддршка на нови преводи и странски изданија. Посебен акцент на годинашното претставување ќе биде ставен на можностите за финансиска поддршка на преводот и објавувањето македонски автори во странство. На Саемот во Франкфурт, МАИ ќе го промовира и актуелниот конкурс на Министерството за култура и туризам за финансирање превод на странски јазици.
„Присуството во Франкфурт не го гледаме како краткотрајна презентација, туку како процес што мора да се гради од година во година. Во изминатиот период поставивме основа – препознатлив концепт, каталози со најдоброто од македонската книжевност, и директни контакти со меѓународниот издавачки сектор. Годинава одиме чекор понатаму: со повеќе книги и автори, со јасно структурирана понуда и со конкретни можности за финансиска поддршка на преводите и странските изданија. Нашата цел е интересот за македонските автори да го претвораме во конкретни преводи, изданија на други јазици и долгорочни партнерства“, вели Бојан Саздов, претседател на Македонската асоцијација на издавачи.
Македонската делегација во Франкфурт ја сочинуваат претставници на издавачките куќи членки на МАИ, кои претставуваат најголем дел од македонскиот издавачки сектор. Тие на саемот ќе ги претставуваат не само сопствените издавачки програми, туку и авторите и делата застапени во каталозите, со цел за нив да се отворат нови можности за преводи, продажба на авторски права и соработка со странски издавачи.
Саемот на книгата во Франкфурт е еден од клучните годишни собири на светската издавачка индустрија и водечко место за трговија со авторски права и содржини, професионални средби и воспоставување нови меѓународни партнерства. На годинашното, 78. издание на Саемот, земја почесен гостин е Чешка.
Саемот на книга во Франкфурт трае пет дена, но меѓународната промоција на македонската книжевност трае во текот на целата година. Токму континуитетот во присуството, градењето контакти и создавањето долгорочни партнерства се во основата на настапот на МАИ – со цел македонските приказни со свој уникатен ритам да продолжат да патуваат и да се читаат на сè повеќе јазици. Националното претставување на македонската книжевност на Саемот на книгата во Франкфурт се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам.


