Првиот заменик претседател на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ со свое обраќање на работилницата за повеќе земји на TAIEX, на темата „Како да се постигне успех во пристапниот процес кон Европската Унија: Најдобра пракса, напредок и предизвици на земјите кандидати со фокус на основите на Кластер 1 – Реформа на јавната адинистрација во Северна Македонија.“
Во своето обраќање тој ја истакна важноста на регионална работилница, каде што се продолжуваат дискусиите за Европската Унија, перспективата на регионот и напредокот на нашите земји во процесот на пристапување, со фокус на искуствата на земјите кандидати и земјите членки.
Вицепремииерот Маричиќ го нагласи успешно завршениот Скрининг процес на почетокот на декември 2023 година во кој беа вклучени околу 1000 лица од околу 200 национални институции и 850 презентации подготвени во временски период од околу 15 месеци.
„За да продолжиме со успешно реализирање на процесот, треба да ја исполниме преостанатата обврска, тоа се уставните амандмани, бидејќи има позитивен моментум за проширувањето и сакаме да бидеме меѓу оние земји што побрзо ќе влезат во унијата“.
Вицепремиерот Маричиќ во излагањето нагласи дека по официјалното писмо од шпанското претседателство со кое се повика Владата да подготви патоказ за владеење на правото, придружен со Акционен план за заштита и унапредување на правата на припадниците на националните малцинства или заедници кои се помалку од 20% од населението во Република Северна Македонија и Патоказот за РЈА, Владата ги одобри документите и тие беа споделени со ЕК на 27 декември 2023 година.
Документите беа подготвени на инклузивен и транспарентен начин со вклученост на сите релевантни институции и консултирани со релевантните тела во Собранието (Националниот совет за интеграција во ЕУ и Комитетот за европски прашања) со граѓанскиот сектор, бизнис секторот и академијата.
Дополнително, во завршна фаза е изготвувањето на Патоказот за функционирање на демократските институции (кој не е воведен репер, туку е услов) кој ги опфаќа областите на изборите, работата на парламентите и граѓанското општество.
„Извештајот за кластерот Фундаменти дефинира јасни насоки кои заедно со Годишниот извештај на Комисијата за земјата за 2023 година се основа за дефинирање на нашите реформски приоритети и патот напред.
Она што го сметаме за предност е фактот што во изминатите години континуирано се работи на усогласување на националното законодавство и затоа усогласеноста на Северна Македонија со правото на ЕУ е на генерално добро ниво. Според анализите, степенот на усогласеност е околу 45-50%, а во некои поглавја можеби и повеќе, што е одлична основа за натамошно поголемо усогласување со правото на ЕУ.„ – рече Маричиќ.
Модернизацијата и унапредувањето на државата и јавната администрација се гледаат како основа на целиот јавен сектор од кој зависат процесите и развојот во секое демократско општество.
Значењето и улогата на Реформи на јавната администрација дополнително се зајакнаа со новата методологија за пристапување од 2020 година, при што реформата на јавната администрација за првпат беше воведена како област во пристапните преговори.
За крај вицепремиерот нагласи дека реформата на јавната администрација заедно со управувањето со јавните финансии се исто така приоритетни области во рамките на Реформската агенда на Планот за раст. Исполнувањето на Реформската агенда ќе биде основа за исплата на помошта. Планот за раст за Западен Балкан ќе обезбеди забрзано доближување на нашите економии и намалување на разликите со економиите на членките на ЕУ.
„Бидејќи сите сме во различни фази од процесот на пристапување, треба да се разгледаат и разликите, во исто време да се создаде позитивна клима и амбиент за сите земји од Западен Балкан подеднакво“.
На работилницата учество земаа министрите за европски прашања на земјите кандидати за ЕУ, претставници од ТАИЕКС при Европската Комисија, претставници на земји членки на ЕУ и други релевантни експерти.