25.8 C
Скопје
23. јули 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Во Хонг Конг 14 активисти беа осудени и им се заканува доживотен затвор

Советот на судии за национална безбедност, избран од владата на Хонг Конг, прогласи 14 продемократски борци за виновни за „заговор за поткопување на државната власт“ во најголемиот судски процес за национална безбедност, „Хонг Конг 47“.

Речиси сите осудени се поранешни политичари, а пресудата веднаш ја осудија групите за човекови права, пишува Гардијан.

Судењето, кое траеше десет месеци, заврши во декември, речиси 1.000 дена по апсењето. Меѓу осудените има и поранешни претставници и активисти.

Единствените ослободени се поранешната советничка Лоренс Лау Ваи-Чунг и Ли Јуе-шун, поранешен социјален работник. Ова се првите ослободителни пресуди донесени по кривично гонење во согласност со Законот за национална безбедност од 2020 година.

Тие се соочуваат со доживотен затвор

Од вкупно 47 обвинети, 16 се изјаснија за невини. Тие беа уапсени на почетокот на 2021 година по масовните полициски рации во нивните домови и канцеларии. Повеќето од нив оттогаш се во затвор. 31 од нив ја признаа вината и се уште се чека правната завршница на нивните случаи. Вкупно 45 лица се соочуваат со казни до доживотен затвор.

Во пресудата, објавена на интернет, се вели дека планот на групата бил да се добие мнозинство во Законодавниот совет на Хонг Конг со цел да се блокира буџетот и да се принуди оставка на владејачката партија доколку не се согласат со барањата на продемократското движење.

Пресудите за вина изречени во четвртокот беа главно очекувани, но поддржувачите плачеа пред судот. Стотици луѓе присуствуваа на рочиштето, некои чекаа во редици преку ноќ за да обезбедат место.

Инаку, репресијата на владата во Хонг Конг го остави градот без активна политичка опозиција. Многумина беа уапсени, а други избегаа во странство./Извор:Makfax