27.8 C
Скопје
16. јуни 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Норвешка ги затвора границите за руските туристи

Норвешка денеска објави дека набргу ќе ги затвори границите за руските туристи не дозволувајќи им директен пристап до шенген-зоната. Иако не е членка, Норвешка го следи примерот на ЕУ, која презеде слична мерка по руската инвазија на Украина. Скандинавската земја дели 198 километри копнена граница со Русија на Арктикот.

„Одлуката за заострување на правилата за влез е во согласност со пристапот на Норвешка да застане на страна на своите сојузници и партнери како одговор на илегалната агресија на Русија против Украина“, рече министерката за правда, Емили Енгер Мехл. Норвешка, членка на НАТО, речиси престана да издава туристички визи за руските граѓани од пролетта 2022 година.

Само имателите на долгорочна виза издадена пред тој датум или поседуваат виза издадена од друга земја од шенген-зоната можеа да го поминат граничниот премин Сторски – Борис Глеб, единствениот копнен премин меѓу двете земји. Од 29 мај ќе им биде забранет влез во Норвешка.

Предвидени се исклучоци, соопшти Министерството, особено за руските граѓани што ги посетуваат членовите на блиското семејство што живеат во Норвешка и оние што работат или студираат во таа земја или други земји од шенген-зоната. Иако не е членка на ЕУ, Норвешка е тесно поврзана со неа и ги усвои речиси сите санкции што Брисел ги воведе против Русија./Извор:Makfax