23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Тошковски во посета на Одделот за воздухопловни единици на МВР

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес оствари работна посета на Хеликоптерската единица за посебни намени и Хеликоптерската единица за полициски намени кои функционираат во рамки на Одделот за воздухопловни единици.

Во рамки на посетата од страна на раководството, министерот беше запознаен со структурата, делокругот на работа, како и специфичните проблеми со кои се соочени како на краток, така и на долгорочен план, а беа презентирани и опремата и хеликоптерите со кои располага Министерството за внатрешни работи.

„Во моментот Одделот е целосно подготвен да одговори на различни предизвици како што се гасење на пожари, спасувачки мисии, превоз на ВИП личности, носење на подвесен товар, како и медицински транспорт. Главен проблем е недостатокот на пилотски и технички кадар кој е многу специфичен и редок на пазарот на труд и што е можно поскоро треба да се преземат сериозни мерки и реформи во насока на надминување на овој проблем со цел да не се доведе во прашање функционирањето и постоењето на оваа многу важна организациска единица.
Исто така, хеликоптерите кои ги поседува МВР се технички застарени и сè потешко станува нивното сервисирање, поради што неминовна е потребата од сериозна набавка на нови хеликоптери со што ќе се направи и унификација на флотата заради поефикасно и поекономично функционирање во иднина, согласно меѓународните стандарди и технолошки дострели кои наоѓаат широка примена во современото полициско постапување. Од тие причини потребно е да се направи темелна анализа и да се преземат соодветни стратешки чекори насочени кон долгорочно зајакнување и зголемување на полициските капацитети во овој дел.“, издвои министерот Тошковски од денешната посета.