22.8 C
Скопје
25. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

ОН ќе разговараат за резолуцијата за Сребреница следната недела

На 23 мај, Генералното собрание на Обединетите нации ќе го разгледа предлогот за резолуција што ќе ги потсети жртвите на геноцидот извршен во 1995 година врз Бошњаците во Сребреница, чие усвојување е спонзорирано од група од триесет земји.

Во распоредот на сесијата на Генералното собрание, кој е достапен на веб-страницата на ОН, се наведува дека во четврток следната недела, во рамки на 82-та сесија, е планирана дискусија за документот насловен Меѓународен ден на сеќавање и комеморација на жртвите од геноцидот во Сребреница во 1995 година.

Дебатата е планирана како дел од точката на дневниот ред со наслов „Култура на мирот“.

Формални предлагачи на резолуцијата за геноцидот во Сребреница се Германија и Руанда, а спонзори се триесетина земји. Покрај Македонија, од регионот се Хрватска и Словенија, додека други спонзори се САД, Велика Британија, Франција, Турција, Канада, Шведска, Данска, Албанија, Австрија, Бангладеш, Белгија, Бугарија, Чиле, Естонија, Финска, Ирска, Италија, Јордан, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малезија, Холандија, Нов Зеланд, Полска и Вануату.

Најавата за усвојување на резолуцијата предизвика жестоки реакции во Србија и во Република Српска. Тврдат дека тоа е обид да им се наметне колективна вина за воени злосторства, иако во нацрт-документот не се споменува ниту една нација или држава, туку само се наведува потребата од трајно сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница врз основа на факти содржани во пресудите на меѓународните судови, кои за тоа злосторство осудија поединци.

Доколку резолуцијата биде прифатена, 11 јули ќе биде воспоставен како меѓународен ден за сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница./Извор:Makfax