25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Европската Унија изрази жалење што претседателката Силјановска-Давкова не го користела уставното име

Во кратко соопштение, прес-службата на Европската Унија порачува дека е важно да се почитуваат договорите кои се меѓународно обврзувачки за земјава како Преспанскиот договор.

Европската Унија изразува жалење поради тоа што новата претседателка на Република Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, во свечената изјава не го употреби уставното име на земјава, туку користеше само Македонија.

Во кусото соопштение се додава:

„Европската Унија потсетува на важноста од целосно почитување на постоечките, правно обврзувачки договори, вклучувајќи го и Договорот од Преспа со Грција“.

Инаку, неколку часа по инуагурацијата и свечената изјава од новата претседателка, во која не беше изговорено уставното име, претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, напиша дека за Северна Македонија да го продолжи својот пат кон ЕУ, потребно е да се почитуваат меѓународните договори како Преспанскиот.

„За Северна Македонија да го продолжи својот успешен пат во пристапувањето кон ЕУ, најважно е земјата да продолжи по патот на реформите и целосно почитување на нејзините обврзувачки договори, вклучително и Договорот од Преспа“, напиша Фон дер Лајен.

Со реакција претходно се јави грчкото МНР од каде оценија дека македонската претседателка грубо ги прекршила Договорот од Преспа и Уставот. Оттаму порачаа дека натамошниот напредок во билатералните односи и европскиот курс на Северна Македонија зависат од целосното спроведување на Договорот од Преспа и, пред сè, од употребата на уставното име на земјата.