22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Шпанските студенти планираат протести против Израел

Студентите во Шпанија во наредните денови би можеле да почнат протести против „геноцидот што го изврши Израел во Палестина“ по примерот на универзитетите во САД, Холандија и Белгија, изјавија нивните претставници за шпанските медиуми.

На Филозофскиот факултет во Валенсија, приморски град на југозападот на земјата, студентите веќе една недела спијат во шатори и секојдневно протестираат.

„Бараме од нашиот универзитет да ги прекине сите врски со институциите и компаниите што соработуваат со Израел“, изјави 20-годишната Естер Монге, студентка по политички науки и социологија за весникот „Ел Паис“.

Во моментот многу универзитети одржуваат состаноци, на кои студентите и професорите гласаат за блокадите на факултетите.

„Студентскиот совет ќе одлучи за активностите во наредните денови“, рече Марија Хозе Лера, координаторка на „Палестиниум“, група за солидарност со палестинските аспирации.

Лера, која има докторат по психологија на Универзитетот во Севилја, вели дека моменно се одржуваат состаноци на универзитетите во Мадрид, Сарагоса, Барселона, Жирона, Гранада и во други градови.

Во понеделникот стотици студенти се собраа пред Универзитетот во Барселона, каде што ги развиорија своите транспаренти.

„Сакаме нашите факултети да ги прекинат сите односи со Израел и компаниите што работат таму“, рече 24-годишниот Пабло Кастиља, дипломиран студент по јавна политика.

Во Мадрид сѐ уште нема протестно кампување, но има демонстрации. На автономниот универзитет во Мадрид планираното предавање за НАТО беше откажано под притисок на пропалестинските демонстранти.

Друг јавен универзитет, Universidad Complutense de Madrid, објави декларација со наслов „Со Палестина против геноцидот во Газа“.

„По влошувањето на насилството врз палестинскиот народ, ги повикуваме професорите, истражувачите и вработените во администрацијата да се спротивстават на колективното казнување на Палестинците што го спроведува Израел“, се вели во декларацијата усвоена од администрацијата на Факултетот за политички науки и социологија.

Сведоци сме на геноцидот врз палестинскиот народ, што е продолжение на децениското систематско насилство врз палестинскиот народ и неговата присилна емиграција“, се вели во декларацијата објавена на веб-страницата на Факултетот./Извор:Makfax