„СДСМ и членовите добро знаат и постојано се повикуваат на тоа дека идеолошката основа на партијата влече континуитет од АСНОМ како темел на државноста. Додека нашите претходници од народно-ослободителната борба се кренаа против фашизмот и ја востановина македонската државност, тогашното ВМРО беше на другата страна. Социјал-демократската идеја отсекогаш била обеднувачки фактор и за партијата, и особено за граѓаните и за државата, и таква и ќе остане,“ порача првиот вицепремиер, Бојан Маричиќ, во интервју за Рацин.мк.
На прашањето за понатамошната соработка на СДСМ со ДУИ, земајќи ја предвид нивната националистичката реторика во кампањата, Маричиќ се осврна на понатамошниот правец на делување на СДСМ, а тоа како што посочи е широка платформа за достоинствено претставување на македонскиот и на сите други народи во институциите на државата, во Собранието и во застапувањето на политиките на извршната власт. И додаде дека тоа ќе биде платформа која ќе води грижа и ќе ги почитува сите граѓани без разлика на било каква нивна определба, етничка, родова, социјална, било која.
„СДСМ останува платфрома преку која ќе го оствариме стремежот на мнозинството граѓани кои својата иднина ја гледаат како граѓани на ЕУ. На таа платформа може да ѝ се придружат политички структури кои споделуваат исти или комплементарни вредности и тоа здржување, ако треба да биде формално, може да се направи врз основа на заеднички договор за оставрување на целите на таа заедничка платформа,“ порача Маричиќ.
Тој посочи и дека изборите ги гледа и како можност за еден нов почеток, којшто сигурно подразбира и кадровски промени, со цел зајакнување на редовите на партијата.
А во однос на колацирањето со ДУИ, рече дека доколку не дојде до тоа, тогаш ќе биде искористено како можност за ослободување од нивните грешки кои им се препишуваа и на СДСМ.
За потребата од „прочистувањето“ од кадри на СДСМ, на ДУИ и на другите партнери во досегашната коалиција, Маричиќ истакна дека тоа мора да се направи затоа што тоа е пораката од граѓаните, со оглед на исходот од првиот круг на претседателските избори.