30. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Народната банка ја додели Годишната награда за млади истражувачи за 2024 година

Народната банка, на денот на монетарната самостојност, 26 април, традиционално ја додели Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството. Овогодишниот добитник на првата награда е младиот истражувач Никита Ристовски за неговиот труд „Економски раст поттикнат од интеграцијата: Случајот на интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија“. Годинава, беше доделена и втора награда за трудот „Монетарната политика и каналите на цените на средствата во контекст на регионализацијата на берзите во земјите на поранешна Југославија“ на Стефан Таневски.

При доделувањето на наградите, младите истражувачи остварија средба со гувернерката на Народната банка, како и со Одборот за оценување трудови, којшто го сочинуваат вицегувернерката Ана Митреска, претседател и членовите Билјана Давидовска-Стојанова, директорка и Гани Рамадани, заменик-директор во Дирекцијата за монетарна политика и истражување. На средбата со младите истражувачи беше искажана поддршка за нивниот придонес кон научноистражувачката работа. Беше истакнато дека основната цел на Народната банка за организирање на Конкурсот за Годишната награда, веќе осумнаесет години, е да се афирмираат младите истражувачи и да се даде придонес кон развојот на истражувачката дејност во земјава во областа на макроекономијата и банкарството.

Во согласност со досегашната практика, наградените трудови ќе бидат презентирани на некоја од следните сесиите на Клубот на истражувачите на Народната банка, којшто служи како центар за развој на истражувачката мисла и мрежа за поврзување на истражувачите од ова поле на интерес.

Пригодното одбележување на монетарната самостојност преку чинот на доделување на Годишната награда ги отсликува залагањата на Народната банка за постојано јакнење на научноистражувачката мисла во прилог на макроекономската стабилност, раст и развој. Инаку, Народната банка одбележа 32 години од монетарното осамостојување, односно од осамостојувањето како централна банка и од воведувањето на националната валута – денарот. За овие 32 години, напорите на централната банка беа насочени кон обезбедување макроекономска и финансиска стабилност, како фундаменти за економскиот раст и развој, работејќи особено на јакнењето на сопствените капацитети, односно на напредокот на човечките ресурси. Залагањата и резултатите на Народната банка во изминатите години се признаени од сите релевантни меѓународни организации, а таа е согледана како современа професионална институција, со висок кредибилитет.